Search

Кејт Мос ги негира наводите дека Џони Деп ја турнал по скали

Кејт Мос ги демантираше шпекулациите дека нејзиниот поранешен партнер Џони Деп еднаш ја турнал по скалите. 48-годишната манекенка, која беше во врска со Деп од 1994 до 1997 година, се појави на суд преку видеолинк од Глостершир, југозападна Англија, за да сведочи во рамки на судскиот спор помеѓу Амбер Херд и ѕвездата на „Пиратите од Карибите“.

Кејт Мос беше повикана како сведок од адвокатите на Деп.

Херд (36) претходно ја спомна манекенката во текот на судењето, кога зборуваше за наводна расправија помеѓу Деп и нејзината сестра Витни Хенрикез, и рече: „Витни беше свртена со грб кон скалите, а Џони замавна кон неа. Во тој момент си помислив на Кејт Мос и скалите“.

А во средата, на прашањето на член на адвокатскиот тим на Деп, дали холивудскиот актер некогаш ја турнал по скалите додека биле во врскас, Кејт Мос одговори: „Не, тој никогаш не ме турнал по никакви скали“.

Кејт објасни: „Излегувавме од соба, а Џони излезе пред мене. Имаше невреме и додека ја напуштав собата се лизнав по скалите. Го повредив грбот. И врескав затоа што не знаев што ми се случи, имав болки. Тој се врати со трчање да ми помогне, ме однесе во мојата соба и побара лекарска помош“.

Кејт, чие сведочење траеше помалку од пет минути, не беше вкрстено испрашувана од тимот на Херд. Херд првпат го изнесе ова тврдење за време на нејзиното сведочење во Британија во 2020 година.

Таа тогаш рече: „Се сетив на информациите што ги слушнав дека турнал поранешна девојка – верувам дека тоа беше Кејт Мос – по скалите. Ова го слушнав од две лица“.

Треба да знаете
Последни објави