Search

Келнери од бифето во МВР кои служеле во кабинетите на заменик министерката и директорот на БЈБ позитивни на коронавирусот

Двајца келнери кои работат во бифето на МВР се заразени од Ковид 19. Тие ги опслужувале канцелариите на четврти кат каде се наоѓа кабинетот на заменик министерката во техничката влада Славјанка Петровска и на директорот на БЈБ Сашо Тасевски, како и на дел од советниците на министерот Наќе Чулев.

Од МВР ја потврдуваат оваа информација и велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на вработените.

Петровска вели дека утрово дознала за ова и веднаш комуницирала со епидемиолози. Со еден од заразените последен контакт имала во вторникот, а со вториот во петокот. Средбата била минимална, носеле маски, и не ја служеле министерката туку двајцата гости кои биле кај неа и кои се известени.

Од кабинетот на Наќе Чулев пак велат дека тој немал контакт со келнерите бидејки не го опслужувале неговиот кабинет. Двајцата вработени тврделе дека претходно биле во контакт со советникот на Чулев кој излезе позитивен, доаѓал кај нив за да му варат чај. Се очекува анкетата да покаже дали некој треба да оди во изолација.

-Од страна на стручните служби во МВР е остварен контакт со епидемиолози и во тек е преземање на понатамошни мерки. Дополнително, утрово од страна на министерот Чулев и дополнителниот заменик на министерот, Петровска е остварен контакт со претседателот на Комисијата за заразни болести, Караџовски и со министерот за здравство, Филипче при што е побарано најитно да се направи епидемиолошка анкета на вработените, велат од МВР.

Треба да знаете
Последни објави