Search

Кекеновски контра анализата на Васко Ефтов: Мицкоски извиси за дополнителни 50-70.000 гласови на свое конто

Професорот Јове Кекеновски од ФРОДЕМ ја коментираше последната емисија ,,Во Центар” на Васко Ефтов.

И покрај деталната и во неколку  сегменти издржана анализа за локалните избори ми се чини дека има една односно две сериозни нелогичности. Првата нелогичност се однесува на констатацијата дека Христијан Мицкоски остварил победа на локалните избори со убедливо најмалку освоени гласови во историјата на ВМРО и дека некој ,,политички велемајстор” од типот на Мијалков или Груевски (меѓу другите набројани велемејстори во емисијата) изрежирал ниту еден вмровски глас да не оди ,,фира” односно на страна. Втората нелогичност се однесува на констатцијата ,,Бранко е крив за се” односно ,,Бранко е злото за СДСМ”.

За првата нелогичност.

Прво: Ако овие толку големи ,,политички велемјастори, Мијалков или Груевски но и останатите” изрежирале ниту еден вмровски глас да не оди ,,фира” (односно на страна) тогаш нема логика Мицковски да освои 292.272 за Советите во 72 општини + 79.409 гласови за Градот Скопје. односно како што констатура Ефтов најмал вкупен број гласови во историјата. За разлика од ДПМНЕ на овие избори СДСМ освои 237.742 за листите на советници во Советите во 79 општини + 53.204 за Советот на Град Скопје За споредба, но и нештата да бидат појасни еве и неколку конкретни показатели.

  • На локалните изборите во 2017 година во првиот круга ВМРО-ДПМНЕ освои 335.054 гласови за Советите на општините + 96.922 за Советот на Град Скопје, а СДСМ 415.726 за Советите на општините + 122.711 за Советот на Град Скопје.
  • Во првиот круг од локалните избори во 2017 година од вкупно 1.814.644 регистрирани гласачи во Избирачкиот список, правото на глас го искористиле 1.079.876 граѓани, или 59,51 %., а додека на изборите во 2021 година во првиот круг на локалните избори излезноста е 51,44 % или гласале 938.631 лице од вкупно запишани 1.824.864 гласачи во избирачкиот список. Овие податоци покажуваат дека на овие избори и покрај тоа што имаме поголем број на вкупно запишани избирачи (нешто повеќе од 10.000), сепак гласале помалку околу 140.000 гласачи.

Сакам да напоменам дека ова е една од најмалите излезности на граѓаните на локални избори и оттука не може да се очекува некоја партија да добие поголем вкупен број гласови на партиско конто од избори на кои имало поголема излезност. Оваа излезност е скоро еднаква со излезноста од вториот круг на локалните избори одржани во 2017 година кога излезноста била 51.95%. И затоа доколку овие неколкумина ,,ефтови големи политички велемајстори” му ја ,,завршиле работата” на Мицковски тогаш тој немаше да освои помалку 43.000 гласа за Советите на општините и околку 17.500 помалку гласови за Советот на Град Скопје во споредба со 2017 година.

Според мое мислење на овие избори иако Мицковски е победник тој сепак извиси за дополнителни 50-70.000 гласови на свое конто. Ова го тврдам поради информацијата дека еден голем број од разочараните вмровците од досегашната водена политика, калкулантски игри, начинот на одредување на кандидатите и кандидатските листи не излегоа на гласање, а додека еден дел при гласањето во знак на несогласување овозможиле гласачките ливчиња да бидат неважечки. Ова сигурно не се луѓе кои ги контролираат ,,политичките  велемајстори” на Ефтов, затоа што според таа логика тие би ги послушале наредбите или режијата од Будимпешта/Шуто Оризари и нивните пајташи.

Второ: Ефтов заборава дека овие (за него двајцата демек вмровски  велемајстори) немаат никакво влијание, а најмалку почит од страна на чесното членство на ВМРО и дека сe работи за најдолни криминални структури кои треба да одговараат за сите сторени злодела и истите се срам за ВМРО и државата и треба побрзо да си го добијат заслуженото. Исто така ниту Бранко Црвенковси ниту Хари Костов имале ниту пак ќе имаат влијание врз чесните вмровски партиски структури. Се работи за гранитна структура и стамените партиски членови кои не подлегнуваат на било какви влијанија или притисоци. Анализата секако во вој контекст дека ќе добиеше поголема тежина доколку Ефтов елаборираше за причините зошто Мицковски не кандидираше партиски кандидати за градоначалник на Скопје и за општина Центар како и за причините за елминацијата на Стевчо Јакимовскио како главен досегашен негов поддржувач и лојален соработник за кандидат на општина Карпош. Тврдам дека бројот на добиени гласови со препознатливи партиски кандидати и лојални политички партнери ќе беше многу поголем и реално ќе беше да се очекува победа дури и во првиот круг.

Втората нелогичност е констатацијата (барем јас така разбрав) дека поразот на СДСМ во првиот круг е резултат на осветата на Б. Црвенковски и неговиот соработник олигархот Х. Костов кон Заев и СДСМ. Лично се согласувам дека овие двајца можеби имаат мал удел за поразот посебно со критиките искажани во говорот на Црвенковски во МАНУ како и со контролата (можеби поточен збор е мотивираноста) за влегување во изборната трка на дел од независните, демек, граѓански независни листи. Меѓутоа Ефтов во емисијата никаде не посочува дека вистинската причина за поразот на Заев и СДСМ во првиот круг на овие избори се нивните нереализирани ветувања, разочараните очекувања на сопственото членство и граѓаните, заташкувањето на криминалот и корупицјата на сите нивоа наместо енергична борба, матните политички задкулисни игри и договори со опозицијата, селективноста во прогонот на сторителите на кривични дела, непрочистеното и дополнително партизирано правосудство како и внатрепартиските игри и невидени криминално-финансиски марифетлуции како и забеганоста и умисленоста на локалните и државни партиски функцинери кои се опија и дебело се омрсија од неколкугодишното владеење по долгогодишниот пост. За непочитување на вољата на граѓаните изразена со консултатуивниот референдум, ,,мотивирањето” пратеници да гласаат за промена на Уставот во замена за нивна кривична неодговорност, за калкулациите со осудување на останатите осведочени криминалци како и вулгарните и навредливи гестови на митинзите мислам дека и не треба повеќе да се пишува и говори бидејќи се е јасно како бел ден.

Анализата секако дека ќе беше пообјективна и поиздржана (за 10+) доколку Ефтов се осврнеше и на овие факти и аргументи отколку (не)сакајќи да велича довчерашни највисоки функционери за кои и тој самиот не верува дека можат да имаат толку големо влијание и да се обидува да ги релативизира, изместува или премолчува причините за успехот или неуспехот на СДСМ и ДПМНЕ на локалните изборите.

 

Треба да знаете
Последни објави