Search

Карпентер: Русија ја гледа СПЦ како средство за промовирање на своите интереси во регионот

Ситуацијата во Црна Гора, по усвојувањето на Законот за слобода на религијата, стана дел од пропагандата и кампањата на дезинформации која ја води Русија, изјави поранешен службеник на Пентагон и актуелен директор на Центарот Пен Бајден, Мајкл Карпентер. Како што јави дописникот на МИА од Белград, Карпентер во интервјуто за Гласот на Америка оцени дека Српската православната црква (СПЦ) се користи како инструмент за промоција на руските и српските интереси во регионот.

Карпентер истакна дека во Црна Гора е потребен дијалог со СПЦ за законот кој предизвикал понатамошна поларизација во црногорското општество помеѓу „оние кои се изјаснуваат за Срби и остатокот од црногорското општество”.

– Ова е за жалење затоа што Црна Гора е еден од ретките примери на мултиетнички демократски држави, во кои ситуацијата беше претежно мирна по разделбата од Србија, но и пред тоа, кажа тој, додавајќи дека “она што се случува сега – етнички или религиозни тензии, наречете ги како што сакате, треба внимателно да се следи затоа што има потенцијал да ги разниша работите во општеството”.

Тензиите кои законот ги зголеми меѓу Црна Гора и Србија, а особено острата реторика на некои српски официјални претставници, поранешниот функционер на Пентагон ги поврзува во контекст на изборната година во обете земји, но истакнува дека треба да се земе предвид и поширокиот геополитички аспект на спорот.

-СПЦ беше користена како алатка за „мека моќ” за промовирање на српските и руските интереси во регионот. Треба да се земат предвид правата на сите верски заедници, да се почитуваат правата на сопственост, но тука се одвива и хибриден натпревар зад сцената, оцени Карпентер.

Тој кажа дека ја гледа улогата на Русија во ова преку „манипулирање со ситуацијата од страна на руските медиуми и социјалните мрежи, дури видов дека и руската агенција ТАСС објави дека САД стојат зад законот и дека американската влада наводно ги принудувала властите во Црна Гора да се донесе тој закон – што е глупост”.

Тој додаде дека „сè се политизира и сè станува дел од операцијата за пропаганда и дезинформација која се спроведува од руска страна.”

-Значи, постои јасно руско влијание во спротивставувањето на тој закон, како и обидот да се покаже дека законот има врска со Западот, рече тој.

Проблемот со руската пропаганда и дезинформација е во тоа што „умно манипулира со културните и етничките поделби, користејќи јазик што е прифатлив за одредени делови од населението”, оцени Карпентер.

Руските дипломати и политичари, „веруваат дека можат да се обидат да манипулираат со СПЦ во Црна Гора или да ја користат за да ги постигнат своите цели. Ова не значи дека СПЦ е соучесник во ова, но Русите го гледаат тоа како средство за промовирање на нивните интереси”.

„Хибридната конкуренција” – како што ја нарекува Карпентер – се огледа во пропагандата, ширејќи влијание преку организации кои исто размислуваат, „приливот на валкани руски пари за да се постигнат одредени политички цели, но и сајбер напади од Русија кои се почести во Црна Гора отколку во која било друга земја во регионот .

-Москва има јасен интерес да се обиде да ја поткопа сегашната црногорска влада, иако ова не е изговор за сè што прави владата и сигурно е дека треба да се направи уште многу работа за да се унапреди владеењето на правото. Но, факт е дека Русија сака да ја отстрани сегашната власт и на власт да доведе некои проруски опозициски групи.

Преку Црна Гора, Москва сака да го ослаби и НАТО, смета директорот на Пен Бајден центарот. Тој потенцира дека и покрај силната пропаганда од странски држави, слободата на медиумите во Црна Гора мора да биде заштитена по секоја цена.

Треба да знаете
Последни објави