Search

Карантин и полициски час во повеќе од 90 земји

Пандемијата на коронавирусот се шири во светот и од денес на глобално ниво бројот на заразени надмина милион, додека како последица на вирусот починаа 50 илјади.

Поради тоа, владите на земјите ширум светот воведоа рестриктивни мерки за сузбивање на вирусот, па така според податоците, околу 3,8 милијарди луѓе се во карантин. Тоа значи дека половина од светската популација е во карантин, безразлика на тоа дали има директна наредба или пак такви се препораките на локалните власти.

Како што пренесува „Гласот на Америка“, мерките како што се препорачан или задолжителен карантин, како и полициски час, засега се спроведуваат во 90 земји ширум светот.

За околу 2,78 милијарди жители во 49 земји моментално е нареден карантин и имаат обврска да останат дома.

Во Европа, во големи земји како Италија, Шпанија, Велика Британија и Франција таквите мерки се на сила, а слични правила има во азиските земји Индија, Шри Ланка и Непал. Одредени делови на САД исто така се под одреден карантин, а ниту релативно „изолираниот“ Нов Зеланд не е поштеден.

Во многу земји луѓето смеат да излегуваат од своите домови само за да одат на работа, да купат основни намирници или да одат на доктор. Во најмалку 10 земји со популација од околу 600 милиони жители, властите им препорачуваат на граѓаните да останат дома, но таа мерка не е задолжителна. Тоа е случај во Германија, Канада, Мексико и Иран.

Најмалку 26 земји со околу 500 милиони жители воведоа полициски час, обврзувајќи ги луѓето да останат дома 24 часа. Оваа метода се користи најчесто во африканските земји како Кенија, Египет и Мали, но и во латиноамериканските земји како Чиле, Панама и Порторико.

Според податоците на Обединетите нации, во светот денес живеат 7,8 милијарди луѓе.

Треба да знаете
Последни објави