Search

Кападокија, Ерџијес и Козакли – вистинска зимска туристичка атракција во Турција

Кападокија, Ерџијес и Козакли – вистинска зимска туристичка атракција во Турција

Кападокија, во Општината Ѓореме, во близина на турскиот град Невшехир, е една од најпознатите туристички дестинации во Турција, каде што се спојуваат убавините на природата и историјата, формирајќи еден од најубавите пејзажи на светот.

Кападокија се наоѓа во централна Анадолија, во срцето на Турција. Релјефот се состои од високо плато, со височина над 1.000 метри надморска висина, нанижано со вулкански врвови од планината Ерџијес, во близина на градот Кајсери. Како таков, овој регион претставува единствена и една од најбараните зимски туристички дестинации во таа земја.

Посебно доживување во Кападокија е возењето со балон, а временските услови на тоа подрачје дозволуваат да се лета со него околу 300 дена во годината. Освен тоа, на истото подрачје секој посетител има можност за скијање на планината Ерџијес, како и за уживање во термалните води на Козакли.

Додека геолошките движења формираа бели вилински облаци, луѓето во текот на историјата во Кападокија оставија траги на сопствените цивилизации, градејќи куќи во карпите и претворајќи ги во ремек-дела на човековата цивилизација.

По летањето со балон во Кападокија, на туристите им е потребен еден час возење со автомобил до главното скијалиште на планината Ерџијес, каде што во текот на денот имаат можност да уживаат во зимските спортови. Термалните води во Козакли, кои исто така се оддалечени еден час со автомобил, обично се место каде што туристите на крајот од денот ги полнат батериите и ја враќаат потрошената енергија.

Планината Ерџијес се наоѓа на 3.916 метри надморска височина и е највисока планина во централна Анадолија. Поради близината на Кападокија, лесниот пристап, должината на патеките и сите други погодности, секој ден е сè повеќе популарна меѓу туристите, а веќе неколку години е домаќин на светските и регионалните натпревари во сноуборд.

Не само што има многу да им понуди на скијачите, туку и на оние што сакаат само да престојуваат на чист планински воздух. Центарот нуди и голем број на можности за гостите, кои можат да ги користат медицинските центри, кафетерии, ресторани и игротеки, а ланците на хотелот нудат можност за сместување на 1.500 гости.

На Ерџијес постојат 34 патеки долги вкупно 102 километри, кои се вистински избор како за професионалните скијачи, така и за почетниците. Скијалиштето е поврзано со систем на 18 жичарници, меѓу кои се наоѓаат и две гондоли со капацитет од 25.500 скијачи на час.

Во најкратки црти, Кападокија, Ерџијес и Козакли на посетителите ќе им понудат потполна и совршена атмосфера.

Треба да знаете
Последни објави