Search

Канцеларијата за човекови права на ОН бара истрага за смртта на Морси

Околностите што доведоа до смртта на поранешниот египетски претседател Мохамед Морси мора да бидат расчистени од страна на независно истражно тело, соопшти Канцеларијата на ОН за човекови права.

– Условите во притворот на Морси треба да бидат дел од истрагата, рече портпаролот на Канцеларијата на ОН за човекови права Руперт Колвил во Женева, и ја истакна загриженоста за пристапот на затвореникот до соодветна здравствена нега, семејството и адвокатите во текот на речиси шест години колку што беше зад решетки.

Истрагата треба да веднаш да ја спровде непристрасен орган кој е независен од органот што го притвори, додаде Колвил.

– Со оглед на тоа што поранешниот претседател Мохамед Морси беше во притвор на египетските власти за време на неговата смрт, државата е одговорна за тоа дали тој бил третиран хумано и дали се почитувале неговото право на живот и здравје, истакна тој.

Поранешниот египетски претседател Мохамед Морси, кој вчера почина за време на судење, денеска беше погребан во тајност во Каиро.

Исламистичкото движење Муслиманско братство синоќа соопшти дека смртта на Морси всушност е „убиство” и ги повика Египќаните масовно да присуствуваат на погребот на првиот демократски избран претседател на земјата. Движењето повика и на собири пред амбасадите на Египет ширум светот.

Морси вчера почина од срцев удар за време на судење за наводна шпионажа.

Ахмет, синот на Морси денеска на Фејсбук објави дека неговиот татко е веќе погребан во Каиро. На погребот присуствувале само членовите на семејството.

Египетското Министерство за внатрешни работи по смртта на Морси прогласи алармантна ситуација во земјата и ангажира дополнителен број полицајци. Исто така одобрен е и план „Ц”, кој овозможува покренување операции против терористички структури.

Треба да знаете
Последни објави