Search

Кампања за хигиена на раце, односно правилно миење на рацете во основните училишта во Центар

Државниот санитарен и здравствен инспекторат и општина Центар го најавија проектот за едукација за правилно миење раце, кој ќе се спроведе во сите основни училишта во општината. Кампањата ќе се одвива под слоганот „И суперхероите мијат раце“, а целта е да се поттикнат децата и возрасните редовно и правилно да ја одржуваат хигиената на рацете. Истражувањата покажуваат дека токму основните училишта се најчест извор на зарази, а една од причините е што голем дел од децата воопшто не ги мијат рацете додека се на училиште.

 „Нашата цел е да ги посетиме сите основни училишта, прво почнувајќи од општина Центар и на соодветен начин да ги едуцираме учениците како да изградат правилни хигиенски навики. Постојат низа примери за слични кампањи во голем број европски и светски земји и ние ако Државен санитарен и здравствен инспекторат утврдивме дека има потреба за ваква активност и во нашата држава“, изјави д-р Ирина Сотирова – Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Миењето со сапун ги отстранува бактериите од рацете. Ова помага да се спречат инфекции и појава на болести како дијареја, пневмонија и грип, кои се најприсутните заболувања помеѓу децата од училишна возраст.

„Податоците за хигиената на рацете кај децата во основните училишта се загрижувачки. Имено, 58% од нив мијат раце по употребата на тоалет,а сапун употребуваат 28% од девојчињата и само 8% од момчињата. Овој недостиг на ефективни практики за хигиена на рацете, честопати доведува до акутно гастроинтестинално заболување кај децата во основното образование“, истакна проф. д-р Весна Герасимовска, специјалист интернист, субспецијалист нефролог.

Покрај учениците, во процесот на едукација од стручни лица, ќе бидат вклучени и вработените во училиштата.

„Верувам дека со оваа кампања дополнително ќе се подобри хигиената во сите основни училишта во нашата општина. Се надевам дека општина Центар ќе биде позитивен пример и мотив оваа корисна активност потоа да се реализира и во другите општини низ Скопје и низ целата држава“, рече градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Првата едукативна работилница ќе се одржи на 21 декември во ООУ Киро Глигоров по што ќе следуваат слични настани и во останатите училишта. Со цел да се привлече вниманието на учениците, ќе се креираат и специјални постери, како и стикери за во тоалетите во училиштата.

Треба да знаете
Последни објави