Search

Кампања „Безбедност на домот”: Поголем ангажман на приватните агенции за обезбедување на домовите

Поголема вклученост на агенциите за приватно обезбедување во заштита на домовите, но и зголемување на свеста на граѓаните како тие самите да придонесат за заштита на своите домови од кражби, а сето тоа во соработка и координација со Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Министерството за внатрешни работи и Град Скопје е целта на кампањата „Безбедност на домот”, која се спроведува во рамки на проектот „Безбедно дома”.

Во Скопје денеска се одржа тркалезна маса посветена на кампањата на која учествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници на Град Скопје и на скопските општини, на ОБСЕ и на Комората за приватно обезбедување.

Со активностите во оваа кампања се цели да се обезбеди високо професионално и стручно вршење на дејноста приватно обезбедување, современо, одговорно и ефикасно функционирање, со цел зголемување на степен на индивидуална безбедност и придонес во безбедноста на граѓаните и нивниот имот.

Министерот Спасовски напомена дека е потребно да се подгне јавната свест за безбедносната култура кај граѓаните. Истакна дека проектот ги советува граѓаните како тие самите треба да постапуваат за да придонесат за безбедноста на сопствениот дом, но и на градот и на државата.

-Сите заедно сме безбедност, тоа не е само една инстиуција. Низ проектот ќе се работи на зголемување на јавната свест за ангажирање на компании на приватни агенции, но ќе им се укажува на граѓаните како треба да се однесуваат со сопствениот имот, како да постапат во одредени случаи кога се соочуваат со кражби, како да го напуштат својот дом, рече Спасовски.

Учесниците во тркалезната маса потенцираа дека имотниот криминал е најпријавуван облик на криминал во земјава. Според статистиките од 50 отсто до 70 отсто од пријавените кривични дела годишно отпаѓаат на имотниот криминал. Тешките кражби се убедливо на прво место на листата најзастапени имотни кривични дела и кога се работи за пријавени, но и кога се работи за осудени лица. Тешките кражби во кои доминира провалната кражба достигнуваат дури 30 отсто од пријавените имотни кривични дела.

Спасовски напомена дека радува фактот што има намалување во 2018. на  тешките кражби и на разбојништвото, а процентот на реализација на ефикасноста е зголемен над 20 отсто во однос на претходните години.

За обезбедување на домот од приватни агенции, според некои од вработените во таквите компании со кои поразговара МИА, сопственик на стан треба да издвои од 15 до 25 евра месечно.

А Спасовски на прашањето како да ги убедиме граѓаните да издвојат од буџетот за приватно обезбедување на домовите рече дека преку кампањата ќе се обидат да покажат дека безбедноста зависи од сите нас и оти тоа што ќе го направиме сите заедно ќе има поголеми резултати. Додаде дека допрва ќе се разгледува  модалитетот за тоа на кој начин ќе се поттикнат граѓаните да ангажираат вакви агенции.

Околу 5.500 лица кои работат во приватното обезбедување брои Комората, а во земјава оперираат околу 140 такви компании.

Во обраќање пред присутните претседателката на Комората, Верица Милеска Стефановска изјави дека дејноста приватно обезбедување речиси со децении ја има дефинирано својата улога и фунционирањето на активен партиципиент во безбедносниот систем на земјава.

-Преку спроведување на јавните овластувања кои ги има дејноста, може да се констатира дека приватното обезбедување во Северна Македонија претставува објективна реалност, а не субјективна потреба. Дополнително неспорно е дека тоа е одговорно за обезбедување на објект за домување, училишта, болници, шопинг центри, деловни објекти, спортски и културни настани и со своите услуги се присутни во речиси секоја сфера на живеењето и работењето на граѓаните, рече таа.

Додаде дека проектот „Безбедно дома” подразбира организација на редица активности во функција на приближувањето до граѓаните на идејата за обезбедување квалитетна, професионална и лична безбедност, безбедност на домот и семејството, на имотот и работните процеси на компаниите.

Професорот д-р Марјан Ѓуровски нагласи дека во рамки на кампањата ќе се организираат серија дебати, следната ќе биде во Охрид, по што ќе се изготви студија.

-Безбедноста на домот не е само обврска на маалскиот полицаец или на општинскиот центар на МВР, потребно е дополнително ангажирање на агенција за обезбедување е на имот и лица. Со тоа дополнително ќе се обезбеди ангажирање на имотот и лицата, проширување на корисниците на приватното обезбедување и градење партнерски однос на соработка.

Тој додаде дека Законот за приватно обезбедување прави суштинска дистинкција помеѓу обезбедувањето што е во надлежност на органите на државната управа од обезбедувањето што го вршат правните лица во вид на услуги, односно за сопствени потреби каде што се наоѓа обезбедувањето на Домот непосредно од кражби и провали 24 часа.

Во оваа насока е потребна соработката меѓу приватното обезбедување и јавниот сектор, која треба да опфати континуирана размена на информации и мислења, по вертикална и хоризонтална линија на поставеност во однос на сите прашања.

Во правец на информирање на граѓаните за безбедноста во конкретни сфери на нивното живееење и работење, Комората, МВР и градот Скопје спроведуваат едукативни и промотивни активности, ќе изработат печатени рекламни материјали, брошури, флаери каде ќе се изложуваат корисни информации за превенција, заштита и самозаштита, инсталација на опрема (безбедносни врати, камери за видео надзор, алармни системи) и препораки за постапување во случај на провала, кражба и други загрозувања во куќа или стан (пожар, поплава, земјотрес.

Треба да знаете
Последни објави