Search

Кампањата е на средина: СДСМ очекува победа

Предизборната кампања на политичките партии влегува во финална фаза. Уште малку денови имаат кандидатите да се претстават и да ја промовираат својата програма. Иако оваа кампања се одржува во посебни услови, со намален број на граѓани, сепак партиите наоѓаат начин како да ги мобилизираат гласачите. Покрај интернет кампањата, фокусирана преку социјалните мрежи се одржуваат и секојдневни средби со граѓани. Владеачката СДСМ избра да организира трибини низ градовите на кои присуствуваат од 50 до 100 граѓани, седнати на дистанца и со заштитна опрема.
НАТО и ЕУ како силни аргументи на СДСМ 
Зоран Заев е главен говорник на трибините, чиј караван веќе ја мина пола држава, па остануваат уште некои населени места. СДСМ избра да води позитивна кампања, голем дел од говорите на кандидатите се посветени на реализираните проекти во изминатите три години, како и на плановите за иднина. Многу мал дел посветуваат на ВМРО ДПМНЕ и нивните кандидати. Ова е исправен потег ако се цени според тоа дека СДСМ има што да набројува на трибините од досегашните успеси.
Главен аргумент е членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија (ЕУ). Двете стратешки цели за кои сонува државата три децении конечно се реализирани и тој успех не може никој да го одеземе на Заев и на неговиот тим. Но, НАТО и ЕУ не значат само интегрирање и европеизирање на државата, туку тие повлекуваат низа други решени прашања. На пример, претходно Северна Македонија и Грција го потпишаа Преспанскиот договор за да го надминат долгогодишниот спор. Оттогаш двете соседни држави имаат изградено мост на пријателство што претходно не можеше да се замисли кога други политичари ја водеа државата и во име на лажниот патриотизам никогаш не сакаа да се реши спорот со Грција.
Македонскиот јазик и идентитет се потврдени
Заев и тимот го потпишаа и Договорот за добрососедство со Бугарија со што станавме соработници и партнери и со источниот сосед. Сега ситуацијата со соседите е сосема поинаква, тие се борат за нас и не поддржуваат во европските аспирации. Договорите се потпишани и на македонски јазик со неговото кирилско писмо што преставува своевидно признавање на јазикот. Дополнително, пред неколку дена ЕУ излезе со став дека целото европско законодавство треба да се преведе на македонски јазик затоа што Северна Македонија ги започнува преговорите. И со ова се потврди признавањето на јазикот и идентитетот.
И овој аргумент во кампањата е на страната на СДСМ, колку и да сакаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да го негираат тоа и да ги промовираат тезите дека јазикот, културата и идентитетот некој ги продал. Дури одат до таму што ги лажат гласачите дека ќе ги поништеле договорите, ќе ги ревидирале и што ли уште не, иако добро знаат дека тоа не е можно и дека со тоа целосно ќе ја загрозат европската иднина на државата.
Европска опција 
Значи, покрај интегрирањето и изградените пријателски односи до соседите, во изминатите три години владата на СДСМ успеа да го врати нарушениот меѓународен имиџ. Денес нашата држава има искрени пријатели и соработници во сите големи европски држави и САД. Затоа Заев на трибините повторува дека на македонските граѓани црвен тепих им послале Германија, Франција, Италија, Австрија и уште многу други силни држави, а со тоа признале дека постои нашата држава, нашиот јазик и идентитет.
Сето ова значи дека патот е отворен и дека сега ние мора да ја искористиме шансата, а таа шанса ја нуди коалицијата „Можеме“ која е проевропски ориентирана, која застапува демократски и човечки вредности. Токму затоа Заев повикува граѓаните да се определат за извесната европска иднина наместо за мрачните сили на режимот. А тоа е така затоа што Мицкоски не нуди ништо ново од тоа претходното на Груевски, особено кадровски, па на листите се голем број обвинети за криминал кои повеќе би се посветиле како да се извлечат од одговорност отколку да се занимаваат со интеграциите и воведување на правда.
Има пари за граѓаните
И тоа е околу надворешната политика, ама таа дава сигурност за внатрешната. Со пристапувањето кон НАТО и ЕУ се отвораат фондови кои ќе може да се користат за развој на домашната економија, за отворање нови работни места и за зголемување на платите, нешто кое СДСМ го прави во изминатиот период. Тука стигнуваме до другите аргументи на Заев и тимот во предизборната кампања – 60.000 нови работни места се отворени во реалниот сектор, а се најавуваат уште 100.000 во следните четири години. Минималната плата на два пати беше зголемена, но сегашните 14.500 ќе станат 20.000 денари во новиот мандат, исто како што се најавите дека просечната плата ќе изнесува 34.000 денари, откако СДСМ успеа да ја покачи до 27.000 денари.
Кога зборуваме за поголеми плати, Заев има повторно силен аргумент кој го експлоатира пред граѓаните, зголемени се платите на здравствените работници од 25 до 40 отсто, на просветните работници за 20 отсто, на полицијата, на армијата, на вработените во градинките, итн. Што е разликата од претходно и сега? – До сега беше незамисливо дека платите во јавниот сектор можеле да се зголемат за толку проценти затоа што претходно зголемувањата беа незначителни, по три, четири, по пет проценти. Затоа Заев низ кампањата уверува дека државата има пари и дека тие сега одат кај граѓаните наместо за непродуктивни трошоци како Скопје 2014. Затоа најавува нови покачувања и во следните години. Има зголемување на пензиите за 1.700 денари, воведена е социјалната пензија, зголемена е социјалната помош и детскиот додаток, итн.
Позитивна кампања со бројки и факти
Со оглед дека една од тезите на СДСМ во кампањата е дека ги враќаат парите кај граѓаните, неопходно е да имаат и факти за тоа. „Мој ДДВ“ е акција преку која 10 милиони евра се вратени кај народот преку скенирање на фискалните сметки. Понатаму, домашниот буџет е олеснет за укинатата радиодифузна такса, за враќањето на евтината тарифа на струјата, намалените трошоци за катастарски и административни трошоци, ДДВ на фирмите им се исплатува за 30 дена, итн. Сето ова е дел од говорите на кандидатите на СДСМ во нивната кампања.
Можеби затоа СДСМ го менува политичкото дејствување и се фокусира на позитивна кампања затоа што имаат аргументи, бројки и визија. Тие за прв пат во политичката историја на државата промовираат коалиција со сите етнички заедници, вклучително и албанската преку БЕСА што до сега беше незамисливо дека може да функционира пред избори. За прв пат една опција на листите има пола жени, а пола мажи меѓу кандидатите. Настапите и говорите на кандидатите на СДСМ отвораат ново поглавје на политичката сцена, дека кампањата, сепак, можела да биде со презентација на сработеното и со најавите и плановите за иднина, нешто кое до сега ретко се гледаше затоа што секогаш партиите се занимавале со противникот, а помалку со програмата.
Ненаучена лекција
ВМРО-ДПМНЕ го продолжува тој тренд со напади на противникот во отсуство на аргументи и понуда. Целата нивна кампања е сведена на оцрнување лично кон Заев и кон неколкумина од неговите првотимци. Покрај видео спотовите со негативна содржина, тие и во настапите пред граѓаните повеќе време трошат да ги наклеветат и да лажат за кандидатите на СДСМ, отколку што пласираат понуда и решенија. Во изминатите три години Мицкоски и првенците на ВМРО-ДПМНЕ целото време го потрошија за креирање лажни вести и деструктивно однесување, во обид да го спречат европскиот процес, но и да го минимизираат секој успех.
Сигурно на Мицкоски ќе му беше политички поисплатливо да беше конструктивен, особено во борбата против пандемијата, но и во битката за европеизирање на државата, но тој наместо да расчисти со криминалните кадри и да промовира нова политика, заглави и со истите и со истата политика. Затоа СДСМ во кампањата, она малку во кое ги споменува противкандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, го нагласува токму тоа, дека партијата на Мицкоски останала во истата матрица, ги интересира само власт, моќ и пари, за одново да инсталираат режим.
Треба да знаете
Последни објави