Search

Калеска-Ванчева: Најавата за блокада на поништувањето на лустрацијата доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е променето

Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го блокира Предлог-законот за поништување на лустрацијата е само уште еден доказ дека во оваа партија ништо не е променето, изјави пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева.

Наместо да се оградат, рече таа, Христијан Мицкоски и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги бранат бруталните злоупотреби на процесот на лустрација зад кои се криеше „политички и криминално мотивираната фамилија на режимот”.

– На ниту еден можен начин ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се дистанцираат од грешките и злоделата на Никола Груевски. Напротив, ги штитат, ги бранат, ги чуваат, рече Калеска-Ванчева, додавајќи оти ова е најдобар доказ дека Груевски му е шеф на Мицкоски и дека опозициската партија е се уште нереформирана.

ВМРО-ДПМНЕ, потенцира таа, ја злоупотреби лустрацијата за политички, партиски, па дури и за лични цели.

– Тоа можевме да го слушнеме во прислушуваните материјали, каде високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Милошоски, Јанкуловска, Груевски… си нарачуваа лустрациски процеси по желба. Бруталната пресметка со неистомислениците и кршењето на Законот за лустрација кои свесно ги спроведуваше ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата се срамни и недозволиви и таа неправда мора да се исправи, рече  Калеска-Ванчева.

Според неа, целта на овој Предлог закон е токму тоа – исправување на неправдата.

Со новото предложено решение, појасни пратеничката, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи и за оштетените лица од наведените акти и дејствија се предвидува надоместок на штета.

Според Калеска-Ванчева, на овој начин се заокружува правната рамка како стратешка цел на реформата во правосудството во однос на обезбедување на независноста и непристрасноста.

Треба да знаете
Последни објави