Search

Како ќе изгледа составот на Арсенал под водство на Унаи Емери?

Денеска Унаи Емери беше назначен за нов тренер на Арсенал, а тоа отвори многу дискусии околу идните планови на лондонскиот клуб. Некои од играчите потпишаа нови договори, додека некои други ќе го напуштат клубот. Сето ова, комбинирано со трансферите кои ќе бидат направени ова лето би требало да го комплетираат составот на Арсенал за следната сезона.

 

Според првичните гласини Емери летово би имал само 50 милиони фунти за трошење, кои веројатно нема да бидат доволно за целосен ремонт на составот.

Наместо трошење на огромни суми на пари како што го прават тоа Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, Унаи Емери ќе мора да биде креативен околу кадровските решенија и да купува играчи кои не се светска класа. Како би можел да изгледа составот наредната сезона? Најблиску до одговор на тоа прашање е самиот Емери, но ние можеме да направиме неколку претпоставки, земајќи ги во предвид желбите и шпекулациите кои го опкружуваат клубот.

На голот и наредната сезона со сигурност ќе биде Петр Чех, кој иако минатата сезона имаше неколку киксови, сепак останува еден од подобрите голмани во Премиер лигата. Одбраната би требало да ја сочинуваат Сеад Колашинац, Лорен Кошчиелни и Хектор Белерин, чиј број по крајот на сезоната беше променет од 24 во 2, што може да се протолкува како знак дека Шпанецот ќе остане на Емирати. Единствената измена во одбраната би требало да биде Сократис Папастатопулос, кој во моментов е играч на Борусија Дортмунд, но во последните неколку месеци Арсенал има постојани преговори со германскиот клуб и скоро извесно е дека Гркот ќе се пресели во Лондон од наредната сезона.

Во средниот ред не се очекуваат многу измени, бидејќи Хенрик Мкитаријан е еден од новите играчи во клубот, а Арон Рамзи и Месут Озил имаат долгогодишни договори и изгледаат среќни во Арсенал. На излезна врата е Џек Вилшир, но доколку тој се одлучи да остане во клубот со намалена плата, ќе биде голем дел од ротацијата на Арсенал. Единствено име кое веројатно ќе биде заменето во стартниот состав е Гранит Џака, а на неговото место би требало да пристигне Стивен Н’зонзи, кој е еден од омилените играчи на Емери од деновите во Севиља.

Нападот ќе го предводи Пјер-Емерик Аубамејанг, од кого се очекува многу во неговата прва полна сезона во Арсенал. Од клупата ќе влегуваат Александр Лаказет и Дени Велбек, кои во вториот дел од изминатата сезона имаа намалена минутажа поради проширената ротација која ја форсираше Арсен Венгер.

Доколку се остварат сите трансфер желби на Унаи Емери, составот на Арсенал би требало да изгледа вака, а сите имиња на листата прават еден состав кој може да биде многу заканувачки за најголемите екипи во Англија, посебно ако тие не се засилат. Во наредната сезона се очекува Арсенал да се бори за четвртото место, заедно со Тотенхем, Челзи и Ливерпул.

Треба да знаете
Последни објави