Search

И покрај зголемениот број случаи на Ковид-19 нема притисок врз здравствениот систем во Грција

Потребна е претпазливост и почитување на мерките од сите, и покрај зголемениот број случаи ситуацијата засега е под контрола, порачаа заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и професорот епидемиолог и шеф на надлежната комисија во Министерството за здравство Сотирис Циодрас, на денешната вонредна прес конференција

Хардаљас и Циодрас е тандемот кој секое попладне за време на карантинот, но и со олабавувањето на мерките во Грција, ги информираа граѓаните, а денеска, по 70 дена повторно одржаа заедничка прес конференција за да ги соопштат последните податоци за ситуацијата со Ковид-19 во земјата.

Во Грција од ден на ден се зголемува бројот на новозаразени, денеска е регистриран 121 нов случај, а Циодрас објасни дека зголемувањето се должи на зголемениот број тестови, но и на зголемената раздвиженост на граѓаните и на блиските контакти. Тој додаде дека постојат познати извори на ширење на коронавирусот, како и познати кластери, а како пример спомена 35 случаи во фабрика за месо, 45 од свадба Солун и 22 од друга свадба во Александруполи.

– Во моментов, позитивен знак е тоа што нема притисок врз здравствениот систем. Имаме мало зголемување на хоспитализираните и мало зголемување на оние во Одделите за интензивна нега и оние кои што се на апарати. Но, потребна е голема претпазливост за евентуално големо зголемување. Ситуацијата може лесно да ни излезе од контрола, порача Циодрас и објасни дека репродукцискиот број Р0 е еден, што значи дека продолжува епидемијата.

– Постојат знаци што нѐ загрижуваат и сакаме да го привлечеме вниманието на сите, јасно да ги опишеме ситуацијата и податоците. Ситуацијата не е како што беше во март. Иако случаите се зголемени, ова зголемување, засега не доведува до значаен притисок врз здравствениот систем, рече Хардаљас и ги соопшти новите мерки на Владата, како и последните податоци во однос на „увезените случаи” на Ковид-19.

Од утре се воведува забрана за преминување на граничниот премин Какавиас со Албанија од 23 часот до седум часот наутро, а од понеделник ќе биде поставена специјална единица што ќе врши тестирања.

Од 16 август, секој кој од Албанија ќе влезе во Грција преку Какавиас ќе треба седум дена да биде во самоизолација.

Ограничувањето на најмногу 100 лица на свадби, крштенки, погреби и слично, е продолжено до 31 август.

Паралелно, Хардаљас рече дека согласно со епидемиолошката опасност, ќе има можност да се ограничи работното време на ноќните клубови и баровите, на локално ниво, доколку биде потребно и со одлука на Секретаријатот за цивилна заштита.

Говорејќи за т.н. „увезени случаи”, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција соопшти дека од 1 јули до 2 август во Грција влегле 1.702.980 посетители, биле направени 215.184 тестови на влезните точки и потврден 401 позитивен случај. Од нив 77 се активни, 240 се вратиле во своите земји, а 84 се неактивни и се понатаму во Грција.

Професорот епидемиолог Сотирис Циодрас посочи дека иако беше регистриран зголемен број случаи кај туристи во изминатиот период, сега вирусот е присутен и во внатрешноста, а како пример спомена дека од  113 случаи во периодот од 31 јули до 2 август, само 10 отсто се увезени.

Циодрас истакна дека во последните два месеци имало зголемен број на потврдени случаи кај млади лица, но и голем број асимптоматски случаи.

Во однос на контролите за почитување на мерките, Хардаљас рече дека од 1 јули до 2 август биле направени 38.949 контроли, регистрирани 1.698 прекршоци и изречени 1.955 казни во висина од 603.950 евро.

Треба да знаете
Последни објави