Search

И покрај забраната продолжува изградбата на Алипашината џамијата во Охрид

Градежните активности на реставрацијата и конзервацијата на Алипашината џамија во охридската чаршија продолжуваат, независно изречените мерки за запирање на работите на објектот, во најголема мера стопирање на изградбата на оспоруваното минаре на објектот што не постои стотина години наназад.

Претставници на здружението на граѓани „Совест” што посочи на нерегуларности во проектот за реконструкција и конзервација на џамијата, заедно со в.д. градоначалник на Општина Охрид Константин Георгиески и в.д. директорката на Завод и музеј Охрид Елеонора Новакоска денеска имаа средба со премиерот Зоран Заев посветена токму на оспоруваната реконструкција. Сите градежни активности на објектот требаа да бидат стопирани поради неправилностите утврдени од истрагата и спроведениот инспекциски надзор, за што постои изречена судска мерка за забрана на градежни активности на објектот иницирана на барање на јавното обвинителство.

Во владиното соопштение стои дека на средбата од страна на премиерот Заев било посочено оти институциите ќе постапат согласно законите и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја во предвид сензитивноста на прашањето, ќе се изнајдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата која останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид.

Охридското јавно обвинителство има покренато постапки против неколку правни и физички лица за незаконски активности при реконструкцијата на објектот што се води како споменик на културата. Субјектите инволвирани во реконструкцијата и конзервацијата, се товарат дека спровеле градежни дејствија исклучиво врз основа на добиено конзерваторско одобрение во 2016 година, без притоа да поседуваат правосилно одобрение од страна на реосорното Министерството за транспорт и врски, без кое не смееле да отпочнат активности за реконструкција на џамијата.

Прашањето околу реконструкцијата и конзервацијата на Алипашината џамија веќе речиси три години е актуелно во Охрид, не само поради фактот што се спроведуваат градежни активности надвор од одобрението добиено од Управата за заштита на спомениците на културата, туку најмногу поради тоа што се гради 32-метарско минаре на објектот кое не постои повеќе од еден век.

На тоа укажаа претставниците на Граѓансккото здружение „Совест”, кои уште при првото нивно појавување пред јавноста истакнаа дека немаат ништо против реконстркција на објектот, туку се спротивставуваат на менување на надворешниот изглед на објектот за кој сметаат дека ќе ја смени визурата на тој дел од центарот на Охрид. Тие предупредија дека ќе организираат и протестни собири, доколку сите активности по однос конзервацијата на објектот не се спроведат согласно законските прописи.

Фото: МИА

Треба да знаете
Последни објави