Search

И без пропустите оградата на автопатот не би го задржала автобусот, тврди вештак на судењето за несреќата кај Ласкарци

Заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово на делницата на местото на несреќата на автобусот на „Дурмо турс” била во согласност со тогашните стандарди, освен навртката која служи за спојување на деловите, која е со нешто послаб квалитет, изјави вештак од областа на градежништвото на денешното рочиште за сообраќајката кај Ласкарци.

Оградата е поставена во 2000 година, а проектот е направен во 1998 година.

Генерално пропустите, рече вештакот, се при проектирањето што нема детали за столпчето, дистанцерот и поставеноста на оградата во однос на автопатот, додека при изведувањето, е тоа што има недоволна притегнатост на оградата и нејзините делови. Тој посочи дека пропусти има и при одржувањето каде е дозволена корозија и не е држена во кондиција.

– Од сите анализи и доколку немало вакви пропусти таа не би успеала да го задржи автобусот, рече вештакот.

Испитувањата за квалитетот и издржливоста на оградата, посочи вештото лице, биле направени во Машинскиот факултет во Скопје.

– Хемискиот состав на заштитната ограда бил во согласност со тогашните стандарди, освен навртката која служи за спојување на деловите, која е со нешто послаб квалитет, изјави вештакот.

Тој посочи дека тогашните стандарди за градење, во најголем дел ги имаат ЈУ стандадите.

– Од проектната документација има многу малку податоци за заштитната ограда, освен дека е избрана еднострана заштитна ограда. Во прилог има уште еден документ дека е избрана еластична заштитна ограда тип „Слобода”, изјави вештакот.

Во текот на градбата, рече тој, извршени се измени на целокупната основа, во смисла на сите конструктивни елементи на патот – насип и заштитна ограда.

– Оградата на автопатот е почната да се гради согласно стандардите и проектот. Во еден момент во текот на градбата доаѓа до прекин на снабдување на огради од фабриката „Слобода” – Охрид, чиј тип е избран. Промената се состои во самите елементи на оградата, од замена на формата на столпчето, на дистанцерот или одбојникот. Врз основа на А тестовите од лабораторијата на добавувачот на таа ограда, квалитетот одговара на европските норми 13/17, кои кај нас тогаш се уште не важеле, изјави вештакот.

Денеска, посочи вештакот, работиме по тие стандарди и се применуваат во цела Европа.

– Производителот ги има атестирано во сопствена лабораторија. Испитувањата ги прави фирмата од Перник, во Бугарија, а кај нас во тоа време немало таква лабораторија и прифатени се тие од производителот, изјави вештакот.

Испитувањето, рече тој, е во хемиските карактеристики на материјалот и геометријата на деловите, со што во нив нема податоци за одбојникот.

– Не е испитувано до кој степен на сила и под кој агол може да прими удар оградата, изјави вештакот.

Значењето на овој податок, посочи тој, доколку би го имале, е битен фактор во самото димензионирање и поставување на опасните места.

– Во тоа време не постоела обврска за мерења на колкава би била издржливоста при удар, изјави вештакот.

Според него, при увид на лице место е утврдено дека нема пропусти во изведбата на оградата и отстапувања од тоа што е предложено од изведувачот.

– Има отстапување во однос на геометријата на патот. Да биде подалеку од коловозот, да биде пониско или повисоко поставена, изјави вештакот.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се обвинети шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс”, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Треба да знаете
Последни објави