Search

ИЈЗ: Регистрирани 196 заболени од грип

Во текот на изминатата недела (од 31 декември до 6 јануари) во Република Македонија се регистрирани 196 заболени од грип, што е намалување за три отсто, споредено со неделата пред неа, кога беа регистрирани 202 случаја, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави денеска Институтот за јавно здравје.

Бројот на пријавени лица оваа недела е помал за 20,3 отсто споредено со истиот период минатата сезона, кога беа регистрирани 246 случаи. Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, посочуваат од ИЈЗ.

Најголем број заболени (146) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 13 на 100.000 жители е регистрирана кај лицата од возрасната група од пет-14 години. Најголем број заболени, 73, се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар каде се регистрирана и највисока инциденца. Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 1.414.

Споредено со истиот период минатата сезона кога беа регистрирани 1.328 случаи, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 6,5 отсто, а во однос на моделот за последните осум сезони се регистрира намалување од 46,9 отсто.

Во текот на првата недела од годинава, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се пет материјали за тестирање на грип, сите негативни за присуство на вирусот на грип. Од почетокот на сезоната 2018/2019, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 50 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои два (четири отсто) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца, еден Influenza A/H3 и еден Influenza A несубтипизиран.

Треба да знаете
Последни објави