Search

Италијанците предупредени: Со пристигнувањето на вакцината, ќе се активира и мафијата

За време на пандемијата Ковид-19, во Италија биле покренати 46 кривични постапки, поради корупција во медицинскиот сектор, пишува весникот „Ил Фато Котидијано“.

Јавниот обвинител Џовани Полчини, кој е познат по успешните антикорупциски процеси и сега е правен советник на италијанското Министерство за надворешни работи, предупредува дека треба да се биде многу внимателен и добро да се подготви дистрибуцијата на вакцини против корона, бидејќи, како што тврди, здравството е област изложена на можноста за голема корупција.

Според него, може да се очекува дека криминалните организации Н’дрангета и мафијата ќе се обидат да се вклучат во бизнисот со набавка и дистрибуција на вакцини, како што веќе се обидоа во првите месеци од пандемијата на коронавирус, при набавка на медицинска опрема.

„Дистрибуцијата на вакцината значи цел синџир на добавувачи, транспорт, складирање и јавни тендери и при секој од овие чекори може да се очекува криминалните организации да се обидат да се инфилтрираат“, тврди обвинителот Полчини.

Според него, треба да се посвети посебно внимание на оние криминални организации кои ќе се обидат да произведат лажни вакцини, што би било штетно по јавното здравје, како и на можните шпекуланти кои сигурно ќе се обидат да ја зголемат цената на лекот во првите месеци откако вакцината ќе се појави на пазарот.

Весникот потсетува на скандалите со цената на заштитните маски, од кои имаше недостиг во Италија во првиот бран на пандемијата, па затоа некои дистрибутери и некои аптеки продаваа медицински маски и до 20 пати поскапи од реалната цена.

Треба да знаете
Последни објави