Search

Италијанскиот премиер: „Престанете да ги оправдувате убиствата на жените!”

Италијанскиот премиер Џузепе Конте во четвртокот ги критикуваше судиите кои ги признаваат олеснителните околности на убијците на жените, бидејќи злосторствата ги извршиле во афект, поради љубомора или разочарување.

Семејното насилство е голем проблем во Италија, а овој месец, две намалени казни ја разбрануваа јавноста бидејќи судиите во објаснувањето зборуваа за повредените чувства на луѓето кои ги убиле своите сопруги или девојки.

Апелациониот суд на Болоња ја преполови на 16 години казната за човекот кој ја задавил својата сопруга во 2016 година, во состојба која судскиот психијатар ја нарече „емоционална и страсна бура”.

Убиецот пронашол пораки од други мажи во мобилниот телефон на неговата сопруга, а таа му кажала дека сака да ја прекине нивната врска.

Во вториот случај, во Џенова, човек кој ја избодел својата жена до смрт доби 16 години затвор, наместо 30 колку што бараа тужителите. Судијата одлучи дека убиецот бил воден од „бес и очај, длабоко разочарување и гнев”.

Мажот открил дека неговата сопруга не го оставила својот љубовник како што му ветила.

Во време на жестоки критики на активистките за женски права во дебатата се вклучи и Конте, по професија адвокат. На Фејсбук напиша дека иако судиите треба да останат независни, овие случаи отвораат прашања за културата кои тој мора да ги коментира.

„Мора да разјасниме дека никаква емоционална реакција, никакви чувства, без разлика колку се интензивни, не можат да ја оправдаат или ублажат тежината на убиствата на жени”, напиша Конте со големи букви за да ја нагласи својата порака.

Треба да знаете
Последни објави