Search

Истражување на јавното мислење: Нова демократија со 12,3 отсто пред СИРИЗА

Предност од 12,3 отсто на Нова демократија во однос на опозициската СИРИЗА и разлика од 11,8 проценти меѓу актуелниот и поранешниот премиер на Грција, во корист на Кирјакос Мицотакис, покажуваат резултатите од новото истражување на јавното мислење спроведено за агенцијата за рејтинг „MRB” пренесено од грчките медиуми.

Во март следната година истекува мандатот на претседателот на Грција, а во пресрет на изборите и веројатноста Прокопис Павлопулос одново да биде предложен, 44,8 проценти од граѓаните одговараат дека посакуваат тој да добие и втор мандат, а 41,1 отсто сметаат дека е потребен нов претседател, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето, во случај Павлопулос да не биде одново предложен, 26 отсто од анкетираните го споменале поранешниот грчки премиер Костас Караманлис за претседател на државата, 11,2 отсто го навеле Андонис Самарас, 8 проценти Дора Бакојани, 5,9 отсто Евангелос Венизелос.

Меѓу министрите во грчката влада, според испитаниците, министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис добива најголем број позитивни гласови, веднаш зад него е шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, а на третото место е министерот за здравство Василис Кикиљас.

Во однос на грчко – турските односи, 59,2 отсто од анкетираните сметаат дека е можен инцидент меѓу двете земји во следните 12 месеци, а седум од 10 Грци оценуваат дека ќе се влоши ситуацијата во надворешната политика.

Истражувањето било спроведено од 27 ноември до 5 декември 2019, учествувале 2000 граѓани со право на глас, преку директни (face to face) интервјуа.

Треба да знаете
Последни објави