Search

Истражување на ИПИС: Поголем дел од граѓаните го поддржуваат Договорот за добрососедство со Бугарија

Поголем дел од граѓаните (48,7 проценти) го поддржуваат Договорот за добрососедство со Бугарија и сметаат дека тој ќе ги унапреди односите со источниот сосед (55,4 проценти),  покажува истражувањето на јавно мислење спроведено за емисијата „Детектор” на ТВ Сител, во која гостуваа Владо Бучковски, професор и поранешен премиер, проф. Наташа Котлар – Институт за национална историја и Драган Ѓеорѓиев од мешовитата комисија за историски и образовни прашања, формирана по потпишувањето на договорот.

Според истражувањето, 42,7  проценти од испитаниците сметаат дека македонската страна добро ги водеше преговорите со Бугарија за Договорот за добрососедство, со кој се затвори ова отворено прашање.

Поранешниот премиер Владо Бучковски е задоволен што уште на почетокот на првата година од мандатот на Заев се затвораат отворените прашања со соседите Бугарија и Грција. – Прашањето со Бугарија е поедноставно за затворање. Тоа е ветер во грб за иднината. Беше јасно и за Заев и за Димитров дека без затворањето на отворените прашања со соседите не може да се оди напред, вели Бучковски.

За усогласување на фактите по потпишувањето на Договорот за добрососедство е формирана и мешовитата комисија за историски и образовни прашања, чиј член е и проф. Драган Ѓеорѓиев.

– Комисијата има задача да ги стави фактите во одреден политички, социјален и културен контекст, и времето кога настанале тие факти „и доколку ги изместите тие факти и ги гледате од денешен период со нашето сфаќање за етницитет и националност тогаш добивате сосема погрешен резултат, појаснува Ѓеорѓиев.

Според него, врз основа на тие факти утврдуваат што треба заеднички да чествуваат двете држави. „Усогласувањето со бугарската страна се базира на тоа дека не може да зборуваме за националност на Свети Кирил и Методиј, Свети Наум и Климент. Токму затоа ги поставивме на една широка христијанска, сесловенска основа, луѓе со универзални вредности кои дале огромен придонес за нашата писменост, за нашата духовност и имаме заеднички елементи врз база на кои може да ги славиме, наведува Ѓорѓиев.

Историчарката проф. д-р Наташа Котлар тврди дека Договорот за добрососедство е асиметричен и не е правен на рамноправна основа меѓу оние што преговараат.  – Договорот ќе поминеше многу подобро ако се останеше на првата точка од членот осум и прво се развиваат добрососедските односи на двата народа кои имаат посебни јазици, вели Котлар.

Речиси идентичен е бројот на граѓаните кои го поддржуваат (36,9 проценти), односно не го поддржуваат (35,1 процнти) земањето на бугарски пасоши на македонските граѓани.

За да се постигне „Договорот за добрососедство” со Бугарија направени се повеќе компромиси, со кои поголем дел од граѓаните не се согласуваат. Најголем број од нив (49,1 процент) негодуваат на тоа што македонската страна преговарала без да се залага за правата на македонското малцинство во Бугарија, не се согласуваат со ревизијата на учебниците (46,1 процент), ниту со заедничката прослава на историски настани и личности (41,3 проценти).

– Не е целта ниту на политичарите, ниту на историчарите да ја сменат историјата. Ова е неповратен процес и верувам дека Бугарија може да биде нашиот најголем сојузник и мислам дека тоа ќе се случи, вели Бучковски, очекувајќи проблем во усогласување на фактите кога ќе се дојде во периодот на 20 век и периодот на создавање на македонската независна држава.

Потенцијалните судири околу овој историски период ги потврдува и Ѓеорѓиев велејќи дека „и самите историографи најмногу се судираат околу карактерот на Илинденското востание, идентитетот на личностите кои го водат и.т.н. –  Но, ако се има позитивен пристап може да се најдат елементи кои можат да придонесат за усогласување. Затоа треба време, комисијата да се остави да работи без политички притисок, без силен притисок од јавноста и без апсолутно никакви рокови, доколку тие се постават може да се донесат погрешни и брзи одлуки, вели Ѓеорѓиев. Тој уверува дека формулациите што ги прават со бугарските колеги се на академски принцип, нема политика „доколку некој подоцна ќе сака да прави интервенции во тие наши договори тоа би биле политички интервенции, бидејќи ние строго се држиме до фактите и контекстот и даваме формулации кои ќе ги дадеме до владите за усвојување или одбивање, тоа е веќе нивна политичка одлука”.

– Убаво е да се работи на историските прашања во еден подолг период за да може да се организираат трибини и конференции, прво во матичните земји, бидејќи се чувствува дека прво во матичните земји не се расчистени соодветните прашања, а веќе одиме да дефинираме што е заедничко, посочува Котлар.

Ѓеорѓиев се согласува дека се потребни, дискусии, конференции, симпозиуми и поширок круг на специјалисти за најчувствителните проблеми, бидејќи, наведува,  „нашата историја со Бугарија е испреплетена и тогаш поедноставно ќе го дефинираме поимот – заедничко”.

Од политички агол Бучковски препознава „зголемување на довербата помеѓу политичарите и тоа е сериозно добар сигнал”. Затоа, дополнува, треба да се остави науката и историчарите на раат да си ја завршат својата работа и преку заедничко чествување ќе признаеме дека и во минатото сме биле спремни да создадеме свои држави.

Ставот на македонските граѓани за нивните соседи е различен, од позитивното мислење за соседите од Србија (78,6 проценти), до негативното мислење за соседите од Албанија (46,9) и Косово (49,1 процент). Компаративно истражување на испитаниците во анкетата во 2017 и 2019 година за соседите од Грција и Бугарија е речиси ист.

Истражувањето на тема „Договорот за добрососедство со Бугарија” беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 31 јануари до 4 февруари на 1102 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да ја запази репрезентативноста на населението.

Треба да знаете
Последни објави