Search

Истражување: Младите како кандидати за пратеници се ретко на добитни позиции

Просечната возраст на кандидатите за пратеници на претстојните парламентарни избори е 42,54 години. Партијата со најмлади кандидати има просечна возраст од 32,3 години, додека највисоката просечна возраст кај една партија е 53,2 години. Најмладите кандидати на овие избори имаат 18 години, додека највозрасниот кандидат 87 години.

Ова се дел од наодите на истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) за позицијата на младите на парламентарните избори 2020, ија цел е, како што се посочува, да обезбеди информации и поттикне дискусија за тоа како младите, како една од маргинализираните групи во општеството, се претставени на листите и програмите на политичките партии.

Според истражувањето, дури и кога младите се претставени на листите, првите позиции со најголема веројатност за пратеничко место, се помалку достапни за нив. Според кандидатските листи, кандидатите на првите пет позиции се 2,6 години постари од остатокот од кандидатите. Изборната единица со најмлади кандидати во просек е И.Е. 6 со 40,6 години, додека највисока просечна возраст има во И.Е. 1 со 44,7 години.

Гледајќи ја, пак, застапеноста на младите кај политичките партии со кандидатски листи во сите шест изборни единици, политичката партија со најмногу млади има 38 млади лица од 120 кандидати, додека само три партии одвоиле над 30 позиции за млади кандидати од своите 120. Процентот на застапеност на млади лица на возраст од 18 – 29 години на листите се движи од 35% кај партијата со најмногу млади кандидати, до 1,7% кај партијата што има најмал број, посочуваат резултатите.

-Иако младите луѓе сочинуваат голем дел од населението и се клучна алка за одржливоста на општеството, сепак, се наведува,тие се најчесто диспропорционално вклучени во политичките тела кои ги претставуваат интересите на граѓаните. Отсуството на можности за квалитетен живот резултира со иселување, незадоволство и апатија. Поради ова вклученоста на младите во политичките процеси е предуслов за подобрување на можностите за младите во земјата, а нивната претставеност во институциите кои ги претставуваат граѓаните важна за нивната репрезентативност, се заклучува во истражувањето, се подвлекува во анализата на ВФД.

Според Фондацијата за демократија Вестминстер, учеството на младите е комплексно прашање со различни аспекти, но малку се зборува за застапеноста на младите во институциите кои носат одлуки и во програмите на политичките партии од кои често се раѓаат јавните политики. Со овие податоци, нагласуваат од оваа Фондацијата се обидуваат да ги стават младинските прашања во фокусот преку парламентарните избори 2020. Податоците кои се анализирани се обезбедени преку веб страницата: https://candidatelist.sec.mk/

Од Фондацијата за демократија на Вестминстер, најавуваат дека во идниот период покрај анализата на податоци на кандидатските листи ќе изработи и анализа на програмите на политичките партии за изборите, која ќе биде објавена наесен. ВФД ќе продолжи да работи со Собранието на Република Северна Македонија и Клубот на пратеници за младински прашања и политики, како и институциите надлежни за младински прашања, училишта, граѓански организации и млади луѓе за поддршка на младинското учество во земјата.

Треба да знаете
Последни објави