Search

Истанбулското биенале годинава на три локации, ќе бидат изложени 38 дела

Шеснаесеттото по ред Истанбулско биенале годинава ќе се одржува од 14 септември до 10 ноември на три спектакуларни локации во турската метропола Истанбул. На историското Бродоградилиште, во музејот „Пера“, кој се наоѓа во срцето на градот, и на неколку историски места на островот Бујукада на Мраморното Море, во непосредна близина на Истанбул, ќе бидат изложени 38 дела на 57 уметници од 26 земји меѓу кои Аргентина, Австрија, Бразил, Канада, Хрватска, Франција, Германија, Иран, Јапонија, Холандија, Шведска, Тајван, Велика Британија и САД.

Подготвувач на концептуалната рамка според која уметниците се покануваат на изложбата, куратор на биеналето ќе биде еминентниот историчар на уметноста Никола Бурјо (Nicolas Bourriaud). Тој е директор на институцијата Монпелје Контемпорaн (MoKo), чиј основач е самиот, бил директор на Високата национална школа за ликовна уметност во Париз од 2011 до 2015 г. и куратор во лондонската Тејт галерија од 2007 до 2010.

Организатор на манифестацијата која годинава се одржува под насловот Седмиот континент, е Истанбулската фондација за култура и уметност (ИКСВ), а спонзор е „Коч холдинг“.

Истанбулското биенале се одржува редовно од 1987 г. наваму и важи за најсеопфатна меѓународна уметничка манифестација во регионот која игра значајна улога во промоција на современите ликовни уметници од Турција и светот. Биеналето функционира по принцип на изложба при што се овозможува директен дијалог помеѓу уметниците од различни култури и посетителите на биеналето.

Треба да знаете
Последни објави