Search

Ирскиот премиер го поздрави новиот договор за Брегзит

Ирскиот премиер Лео Варадкар го поздрави новиот договор за Брегзит, кој денеска го постигнаа ЕУ и Велика Британија. Варадкар напиша на Твитер дека новиот договор за Брегзит и овозможува на Британија да ја напушти Унијата „на уреден начин”.

Тој оцени дека договорот е добар и за Ирска, членките на Унијата и за Северна Ирска, штитејќи го единствениот пазар на ЕУ и местото на Ирска во него.

Ентузијазмот на Варадкар е спротивен со ставот на северноирската Демократска унионистичка партија дека договорот не е „во долгорочен интерес за Северна Ирска”.

Демократската унионистичка партија во Парламентот ја поддржува малцинската британска Влада. Партијата денеска потврди дека нема да гласа за новиот договор за Брегзит, оценувајќи дека Северна Ирска, врз основа на планот да се задржи отворена граница меѓу двете Ирски, ќе биде врзана за поинакви царински и даночни аранжмани од Велика Британија, што според пробританската унионистичка партија не е прифатливо.

Прашањето за границата меѓу двете Ирски беше најголема пречка за договор меѓу Лондон и Брисел, бидејќи британскиот премиер Борис Џонсон, како и голем број пратеници, се против одредбите од претходниот договор за излез што треба да обезбеди по Брегзит да нема „тврди граници” меѓу двете Ирски, стравувајќи оти на тој начин Велика Британија би можела да биде тесно поврзана за трговските правила на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави