Search

Иран: Санкциите на САД ги попречуваат спасувачките операции

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф изјави дека санкциите што минатата година ги воведе администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги попречуваат операциите за спасување во подрачјата погодени со поплави, во кои настрадаа 45 лица.

Зариф на Твитер напиша дека политиката на „максимален притисок” на Америка врз Иран ги спречува напорите за помош на иранската Црвена полумесечина на сите заедници уништени од поплавите.

Тој истакна  дека санкциите го спречиле Техеран да ја добие неопходната опрема, вклучувајќи и хеликоптери за помош.

– Ова не е само економска војна, ова е економски тероризам,  напиша Зариф.

Иран се соочи со големи поплави изминатите две недели, а во некои места е прогласена вонредна состојба.

Локалните власти во погодените подрачја во повеќе наврати бараа да пристигнат хеликоптери до оддалечените и граничните локации.

Иранските државни медиуми јавија дека десетина воени и ирански хеликоптери на Црвената полумесечина учествуваат во  спасувачката операција.

Велика Британија и Германија понудија да пратат помош, вклучувајќи и чамци и безбедносна опрема.

Треба да знаете
Последни објави