Search

Ирански дипломат и поет обвинети за тероризам во Франција

Ирански дипломат и тројца негови сонародници денеска ќе бидат изведени пред суд во Белгија откако беа обвинети за заговор за бомбардирање на митинг на опозицијата во близината на Париз во 2018 година, во првата ваква законска постапка во Европа, пренесува РТ.

Дипломатот Асадолах Асади, кој претходно бил распореден во Виена, и тројцата други, се обвинети во Белгија за планирање напад на состанок на Националниот совет на отпорот на Иран (НЦРИ). Седиштето на опозициската група во егзил е во главниот град на Франција.

Судењето е закажано денеска, а потоа и во четврток следната недела и ако биде прогласен за виновен, на Асади (48) му се заканува доживотен затвор. Дипломатот, кој не ги коментираше обвиненијата, беше уапсен додека беше на одмор во јули 2018 година во Германија, каде што немаше имунитет од гонење и ѝ беше предаден на Белгија.

Ова е првпат ирански службеник да биде суден за тероризам во земја-членка на ЕУ.

Двајца негови осомничени соучесници, пар што живеел во Белгија, исто така биле уапсени во Белгија, а полицијата соопшти дека кај нив нашла половина килограм експлозив ТАТП и детонатор. Другиот наводен соучесник, Мехрдад Арефани (57) е ирански поет кој живеел во Белгија неколку години. Тој беше уапсен во Франција во 2018 година.

Белгиските власти во јуни 2018 година соопштија дека спречиле обид за криумчарење експлозив во Франција за напад на состанокот, а подоцна истата година, француските власти ја обвинија разузнавачката служба на Техеран дека стои зад операцијата.

Јаак Раес, шеф на Белгиската служба за државна безбедност (ВССЕ), во писмо до обвинителот во февруари годинава рече дека планот за напад бил скроен во името на Иран и под негово раководство.

Франција, исто така, го обвини иранското Министерство за разузнавање дека го испланирало заговорот и протера ирански дипломат како одмазда во октомври 2018 година. Средствата на иранското разузнавање и на неговите претставници во ЕУ беа замрзнати.

Исламската Република ги негираше обвинувањата, велејќи дека заговорот бил трик на НЦРИ, кој е означен како терористичка група во Иран.

Треба да знаете
Последни објави