Search

Иранскиот парламент ги прогласи САД за државни спонзори на тероризмот

Иранскиот парламент ги означи САД како државни спонзори на тероризмот, а Centcom, кој ги надгледува американските воени операции на Блискиот Исток, е именуван за терористичка организација, пренесе денеска државната телевизија ИРИБ.

Потегот на Иран следува откако во понеделникот САД официјално ја впиша иранската елитна Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) на листата на странски терористички организации.

Претставниците на иранскиот парламент застанаа во одбрана на ИРГЦ која е под команда на врховниот лидер, ајатолахот Али Хаманеи и тврдат дека оваа формација е составен дел на Иран, објави ИРИБ.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, уште минатата недела го најави ваквиот потег без преседан, а Иран веднаш го осуди и изрази загриженост.

Исламската револуционерна гарда е елитна воена организација на иранските вооружени сили, која постои паралелно со регуларната армија. Таа е задолжена за иранската балистичка и нуклеарна програма. Исто така е поврзана со иранската банкарска и логистичка индустрија.

Американскиот закон веќе ги казнува американските граѓани кои соработуваат со ИРГЦ со казна затвор до 20 години, врз основа на претходно впишување на оваа група во посебна листа за глобални терористички закани.

Треба да знаете
Последни објави