Search

ИПИ: Саудиска Арабија да обезбеди правда за убиениот Кашоги

Меѓународниот институт за печат (ИПИ), глобална мрежа на уредници, на медиумски директори и новинари за слобода на медиумите, денеска ја повика меѓународната заедница да побара од Саудиска Арабија да обезбеди правда за убиениот новинар Џамал Кашоги по извештајот објавен од страна на Високата комесарка на Обединетите нации за човекови права (ОХЦХР) Агнес Каламард.

Тaа вчера објави извештај во кој утврдила дека не постои сигурен доказ за високите саудиски официјални лица, вклучувајќи го и принцот Мохамед бин Салман, кои се поединечно одговорни за убиството на Кашоги, се вели во соопштението на Меѓународниот институт за печат.

Егзекуцијата на Кашоги е симбол на глобалниот модел на целни убиства и закани кон новинари и медиумски работници, кои државни, агенциите на ОН, посебни постапки и голем број меѓународни и национални организации за човекови права редовно ги осудуваат, стои во извештајот за Кашоги.

-Наодите од овој извештај даваат дополнителни докази дека саудиската Влада е одговорна за ужасното убиство на Џамал Кашоги и дека националните власти не ја исполниле својата обврска да го испитаат овој злостор, вели извршната директорка на ИПИ Барбара Трионфи.

Кашоги, колумнист во „Вашингтон пост”, беше убиен на 2 октомври 2018 година, по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул.

Во извештајот се наведува дека тој пристигнал во конзулатот по договор, за да добие документи, кои му биле потребни за свадба.

Потоа се соочи со саудиските функционери и беше убиен, можеби така што му е инјектиран седатив, задушен со пластична кеса и распарчен, се вели во извештајот.

Извештајот на Каламард ги користи снимките добиени од конзулатот за да ги осветли последните моменти од животот на Кашоги, заклучувајќи дека смртта на новинарот е „меѓународно злосторство”.

Сега е работа на меѓународната заедница, особено на традиционалните сојузници на Саудиска Арабија, да гарантираат дека оние што го наредиле убиството на Кашоги ќе се соочат со правдата, рече таа.

Треба да знаете
Последни објави