Search

ИПАРД-консултантите ќе треба да се лиценцираат и да формираат комора

Платежната агенција ќе става ред во делот на ИПАРД. Планира донесување нов закон, според кој, консултантите од оваа бранша ќе мора да се лиценцираат, но и да формираат комора.

Како што вели директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, за МИА, целта на оваа новина е земјоделците и стопанствата да добиваат квалитетни услуги и да се подобри квалитетот на ИПАРД-апликациите.

Со лиценцирањето ќе бидат опфатени сите консултанти, вклучувајќи ги и оние што речиси две децинии работат во оваа сфера, а лиценците ќе ги издава комората.

Според Бабовски, новата правна рамка или законот за советодавни услуги веќе се изготвува и се очекува да биде донесен годинава.

-Ќе треба да се воведе ред, бидејќи не може секој да работи сè и сешто. Формирањето комора на лиценцирани консултанти е еден од начините за поефикасно искористување на ИПАРД-средствата. Всушност, добро е да се формира комора како во сите бранши. Тоа ќе овозможи апликантите да добиваат квалитетни услуги, пред сè од консултантни кои ќе бидат лиценцирани. Значи, целта е да се подобри квалитетот на апликациите. Притоа, и оние што можеби 20 години работеле на ИПАРД, ќе мора да се лиценцираат за да се вклучат во процесот на изготвување уште поквалитетни апликации, истакнува Бабовски за МИА.

Со законот, апликантите нема да бидат лимитирани (обврзани) да ги користат услугите на некој од членовите на комората зашто може и сами да си го направат бизнис-планот или да користат советодавни услуги од државните институции.

Бабовски вели дека нема евиденција колку консултатни засега работат на ИПАРД.

– Не водиме регистар на консултанти, ниту ќе се води зашто ние ги гледаме предметите и квалитетот на изработената апликација. Во Агенцијата може да се јави кој било апликант со кој било консултант што му го води проектот. Тука нема лимит, нагласува директорот.

Како што објаснува директорот, консултантите ќе треба најпрво да поминат обуки, потоа да добијат вид дипломи и на крај да се лиценцираат. Ова ќе биде уредено со соодветен правилник.

Македонија од ИПАРД 1 (2007  – 2013) преку 12 објавени огласи, успеа да повлече и искористи околу 16 милиони евра. Сега оваа сума е надмината само со првиот повик од ИПАРД 2 распишан лани, за кој се потпишаа договори во вредност од 18,2 милиона евра.

Земјава има на располагање 80 милиони евра, од кои 60 милиони евра европски пари и 20 милиони евра средства од Националниот фонд.

 

Треба да знаете
Последни објави