Search

Инфраструктурното поврзување клучно за подобрување на трговската размена со Црна Гора

Подобрувањето на инфраструктурната поврзаност, меѓу останатото, со воведување директна авиолинија и  инвестиции во железничкиот транспорт ќе овозможат зголемување на економската соработка и на трговската размена на Северна Македонија со Црна Гора. Такви оценки се изнесени на билатералните средби на министрите од економските ресори од двете држави во рамки на официјалната дводневна посета на делегација од Владата на Северна Македонија на Подгорица.

Во рамки на посетата вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Љупчо Николовски имаа билатерална средба со вицепремиерот за економски прашања и министер за земјоделство на Република Црна Гора, Милутин Симовиќ и министерката за економија Драгица Секулиќ. Билатерална средба одржаа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со црногорскиот министер за сообраќај и поморство, Осман Нурковиќ.

Трговската размена помеѓу двете држави бележи благ пораст, поради што вицепремиерите и министрите се согласиле дека треба заеднички да работат на зголемување на трговијата. Посебен акцент бил ставен на зголемување на извозот на македонски земјоделски производи особено во летниот период кога започнува туристичката сезона во Црна Гора. Утрешниот бизнис форум, посочуваат од Владата, претставува можност за поврзување и развивање нови бизнис релации помеѓу македонските и црногорските компании.

На средбите е потенцирано дека подобрувањето на инфраструктурната поврзаност помеѓу двете држави е клучна за нивниот развој.

– На средбата  на вицепремиерите Анѓушев и Симовиќ и министерот Николовски, беа споделени информации во делот на мерките коишто двете држави ги преземаат за економскиот развој, но и за политичките случувања. Министерот Симовиќ и честиташе на македонската делегација за изборот на нов претседател на државата, како и за решавањето на спорот со името, како клучен чекор за иднината на државата во делот на евроинтеграцискиот процес, обезбедувањето стабилност за целиот регион и развој на економијата, соопшти владината прес-служба.

Анѓушев и Симовиќ го отвориле прашањето за воспоставување директна авиолинија, со што земјите ќе бидат директно поврзани, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи во двете држави. Од црногорската делегација било побарано да разменат искуства со државава во делот на привлекување странски инвеститори за отворање преработувачки капацитети.

Македонската страна, пак,  истакнала дека за евроинтеграцискиот процес се добредојдени искуствата на  Црна Гора којашто  веќе има отворено 32 од 35 поглавја.

Во делот на земјоделството министерот Симовиќ го потенцирал постигнатиот напредок на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ во спроведување на ИПАРД програмата, а беше посочена и одличната соработка помеѓу платежните агенции на двете држави.

На билатералната средба помеѓу министрите Сугарески и Нурковиќ, пак се презентирани инвестициите во транспортната инфраструктура и инфраструктурните проекти што ги преземаат двете држави, коишто се важни за нивниот економски развој. Во таа насока ја потврдиле и заложбата за директно поврзување со авиолинија.   Потенцирано е и значењето на инвестициите во железничкиот транспорт за целиот регион. Се согласиле дека овој сообраќај треба да биде еден од приоритетите на двете држави, бидејќи во последниве години токму тој транспорт е во фокусот на интерес и на Европската унија.

Треба да знаете
Последни објави