Search

Интер му ја одзеде капитенската лента на Икарди

Аргентинскиот напаѓач и најскапиот играч во редовите на Интер, Мауро Икарди, од денеска веќе не е капитен на клубот. Капитенската лента отсега ќе ја носи голманот Самир Хандановиќ, кој е еден од најискусните играчи во составот на тимот од Милано.

Информацијата која во текот на утрото се појави низ италијанските медиуми, пред неколку часа официјално беше потврдена и од профилот на клубот.

Останува непознато дали одземањето на капитенската лента значи заминување на Икарди од Интер, или пак тоа се должи на некое несогласување помеѓу него и тренерот и раководството.

Неколку големи светски клубови покажаа интерес за Икарди, а тој веќе подолго време го одложува потпишувањето на новиот договор со Интер, па можеби ова треба да се смета како знак дека раководството повеќе не сака да „наседнува“ на неговите трикови. Во текот на летото Реал Мадрид го идентификуваше Аргентинецот како главна цел, но тој реши да остане во Интер и да преговара за нов, побогат договор со клубот.

Во последните неколку недели сопругата на Икарди, Ванда Нара, почесто се наоѓа во медиумите поради договорот на нејзиниот партнер. Таа често зборува во негово име, споделувајќи детали околу неговите размислувања за новиот договор.

За нов капитен на Интер е поставен Самир Хандановиќ, голманот кој има најдолг стаж во клубот од сите моментални играчи. Голем дел од италијанските медиуми го сметаат Хандановиќ за најдобар голман во Серија А и оваа одлука беше дочекана со одборување, како кај медиумите, така и кај навивачите.

Треба да знаете
Последни објави