Search

Интересни факти за севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун денеска го прославува 35. роденден и по тој повод „Спутник интернешнал” објави пет најинтересни факти за него.

Роденденот на првиот човек на Северна Кореја и натаму е една од најголемите мистерии на светот. Некои податоци од севернокорејските медиуми покажуваат дека тој е роден во 1982 година, а јужнокорејските разузнавачки власти сметаат дека е роден една година подоцна, додека американското Министерство за финансии соопшти дека Ким е роден на 8 јануари 1984 година.

Меѓу најинтересните факти за севернокорејскиот лидер е тоа дека Ким е голем љубител на кошарката и пријател на поранешната НБА ѕвезда Денис Родман. Пред пет години, во пресрет на кошаркарскиот натпревар помеѓу САД и Северна Кореја во Пјонгјанг, Родман му испеа песна за неговиот роденден.

Поранешниот кошаркар во повеќе наврати ја посети Северна Кореја и покажа наклонетост кон Ким, нарекувајќи го „пријател за цел живот”.

Вториот интересен детаљ е фризурата на Ким, кој, како што тврдат некои медиуми, сам си ја прави.

Кога станува збор за модата, тој е страствен љубител на воената облека, бидејќи претежно носи црни или сино-сиви одела во маоистички стил, закопчан до грло. Повремено облекува и сиви панталони и бела маичка, а носи и сламен шешир.

Во однос на неговата висина, јужнокорејските новинари, по историскиот состанок на Ким со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин во мај минатата година, истражуваа колку тој е висок. Тие тврдат дека неговата висина е 162,5 сантиметри и дека носи влошки за да изгледа повисок.

Една од занимливостите кога станува збор за севернокорејскиот лидер е и неговата наводна љубов кон „селфито”. Иако правењето „селфи” е популарно подолго време, Ким прво такво искуство имал дури во јуни минатата година во Сингапур, каде се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.

Севернокорејскиот лидер беше насмеан додека се сликаше со министерот за надворешни работи на Сингапур, а фотографијата ја сподели на социјалните мрежи.

Треба да знаете
Последни објави