Search

Интервју со Петровска: Јавноста со право има впечаток дека се врати „МВРО-ВМРО“

Влијанијата и однесувањата од „техничките“ кадри во МВР го покажаа старото лице на опозициската партија и токму затоа јавноста со право има впечаток дека се врати „МВРО-ВМРО“. Јас го тврдам тоа. Но клучната разлика од периодот на владеење на „МВРО-ВМРО“ и сега е што вработените во МВР ја прават разликата и ги препознаваат навиките на таквотото однесување. Мнозинството од нив едвај чекаат да заврши „техничкото МВРО“, вели воинтервју за Локално дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.

Според неа во мининистерството има професионалци, чесни и одговорни кои ги знаат и професионалните стандари и знаат како тие се применуваат, а се што треба е да се „ослободат од политичкото влијание“ и да им се дозволи тоа да го направат.

– За жал, во овој период на „техничко менаџирање“ ја немаа таа можност, вели таа.

Во однос на тоа дали во позадина на „опуштеното“ однесување на техничкиот министер Чулев за почитување на мерките, донесени поради кризата со коронавирусот, стои партиска агенда, заменичката министерка одговори потврдно и смета дека неговата несмасна изјава дека полицијата нема да казнува затоа што имал разбирање за психолошката состојба на граѓаните го направила своето.

За истрагите кои ги најави Чулев во кои наводно се инволвирани и носители на јавни функции во областа на организираниот криминал и во областа на корупцијата, Петровска вели дека во МВР има една појава на масовни анонимни пријави од загрижени вработени кои укажуваат за наводен криминал направен за време додека министер беше Оливер Спасовски.

– И случајно или не, тие стигнуваат во одредени временски интервали, се адресираат исклучиво до министерот Чулев, напишани се во ист формат, па дури во некои од нив се препишани и цели реченици од претходните анонимни пријави. И кога ќе ги ставите сите „анонимки“ на куп го препознавате сценариото, посочува таа.

Како го оценувате работењето на МВР во последниве месеци под раководство на Наќе Чулев со оглед на тоа дека во јавноста се зборува дека „МВРО-ВМРО“ се врати на голема врата?

– Почетокот беше тивок и демократски, со договор помеѓу мене и минитертот Чулев професионално да ги извршуваме функциите на кои сме именувани. И двајцата се сложивме дека организирањето на фер и демократски избори ќе ни биде приоритет од кој нема да отстапиме и дека одлуките ќе ги носиме со меѓусебен договор. Но, тоа беше почетокот. За жал, влијанијата и однесувањата од „техничките“ кадри во МВР го покажаа старото лице на опозициската партија и токму затоа јавноста со право има впечаток дека се врати „МВРО-ВМРО“. Јас го тврдам тоа. Но клучната разлика од периодот на владеење на „МВРО-ВМРО“ и сега е што вработените во МВР ја прават разликата и ги препознаваат навиките на таквотото однесување. Мнозинството од нив едвај чекаат да заврши „техничкото МВРО“.

Еве неколку реални ситуации кои се поткрепа на ова тврдење: на маса ми беа донесени решенија за распоредувања на лица на многу клучни и влијателни позиции против кои се водат судски постапки за насилно однесување и тортура, изборни нерегуларности, дисциплински казнети за настаните од 27-ми април. И затоа одбив да потпишам преку 30-тина вакви предлог решенија. Дисциплинските комисии беа сменети преку ноќ без моја согласност и министерот Чулев бега од тоа прашање. А знаете зошто? Затоа што тоа е еден од начините на кои ги уценуваат вработените. Оние пак кои „им требаат“ и се сложуваат да одработуваат нечесно се ослободуваат од дисциплинска одговорност. Началник на сектор кој пред кадетите во Центарот за обука во текот на предавање употребувал погрди зборови, ги омаловажувал вработените, кон кадетите се обраќал со „шиптари“ и дрско навредувал, а сето ова е констатирано во извештај на Одделот за внатрешна контрола е усно предупреден.

А замислете, со усмено предупредување е казнета и колешка која го пријавила случајот. Ова е далеку од нормално однесување. Ама ова нема да заврши тука. По завршување на изборниот циклус ќе иницирам надворешна независна ревизија на сите дисциплински постапки, што секако ќе значи и покренување одговорност.

Изминатите месеци додека земјава беше во вонредна состојба и имаше полициски час, бевме сведоци дека МВР во некои ситуации не реагираше при непочитувањето на мерките од страна на граѓаните. Зошто постојано се добива впечаток дека полиција во одредени делови од земјава како да нема авторитет и моќ при казнувањето?

– Во МВР сум од 2015 година. Претходното работно искуство го стекнав во Секретаријатот за европски прашања и Собранието на Република Северна Македонија. Од овој период додека сум во МВР научив дека полицијата функционира на принципот на хиерахија и давање јасна и одлучна наредба. Спроведувањето на полицискиот час беше нешто со кое се соочивме за прв пат од осамостојувањето на државата. И многу добро почнавме. Податоците покажуваа дека многу успешно го спроведувавме и тоа беше резултат на почитувањето на наредбите.

Јас имав навика често пати, ненајавено да направам обиколка на контролните пунктови и да извршам увид во работењето и бев задоволна. Но, по извесно време се уверив во опаѓање на дисциплината кај дел од вработените и пропустите кои се случуваа. Реагирав на координативното тело во МВР, со барање ова да се санкционира. За жал, токму во периодот кога требаше да има строго почитување на полицискиот час со цел да се спречат семејни масовни дружби, дел од полицијата тоа молчешкум го дозволила.

Дали опуштеното однесување на дел од полицијата за време на контролите во полициските часови, кои и јавноста имаше можност да ги види преку видеа на социјалнит емрежи, го вклучи алармот во МВР дека некои работи треба да се сменат? Зголемени ли се контролите во изминатиов период?

– Почитувањето на професионалните стандарди е нешто кое мора да се почитува во Министерството ако сакате да има успех во спроведувањето на надлежностите. Жално е што дел од високото политичко раководство тие снимки ги гледаше како момент во кој колегите само земале здив и коментираа дека прекршувањата не се толку драматични. Во мининистерството има професионалци, чесни и одговорни кои ги знаат и професионалните стандари и знаат како тие се применуваат. Се што треба е да се ослободат од политичкото влијание и да им се дозволи тоа да го направат. За жал, во овој период на „техничко менаџирање“ ја немаа таа можност.

Бројот на новозаразени лица од Ковид-19 е зголемен токму на местата каде полицијата не реагираше во дадените момент. Дали сметате дека покрај здравствените власти и нивните мерки и апели и МВР е одговорна за зголемениот број на случаи?

– Апсолутно да. Несмасната изјава на министерот Чулев дека полицијата нема да казнува затоа што имал разбирање за психолошката состојба на граѓаните го направи своето. Началниците поставени од него, а тоа се 15 клучни раководни позиции и 100-тина пониски позиции ја следеа оваа политичка изјава. Даваа паралелни инструкции намесно казни, да се предупредува и опоменува. Се потсмеваа дека полицијата нема како да мери растојание од два метри. И ова со право предизвика нервоза и негодување кај оние граѓани кои ги почитуваа мерките.

Знаете, улогата на полицијата е превентивна, тогаш кога има услови за тоа, но кога нема се применуваат репресивните мерки. Казнувањето е една од тие мерки. Спроведувањето на законот значи да се казнат оние кои не го почитуваат и така ќе направите ред. Да дадете насока да опоменувате кога станува збор за спречување на ширење на епидемија е исто како да сакате расфрланите пердуви да ги соберете ама не сакате вентилаторот да го исклучите. Лицемерно и неодговорно.

Често се шпекулира со бројката на заболени лица од корона вирус во МВР. Колкава е вистинската бројка и се преземаат ли доволно мерки за да се заштитат вработените?

– Последната официјална бројка во МВР е 74 заболени и 232 во изолација заради контакт со заболените. Делумно сум задоловна со мерките за заштита на вработените, мислам дека можевме подобро да ја организираме работата со цел да го намалиме физичкиот контакт. Им посакувам побрзо и полесно закрепнување на колегите и се надевам дека брзо ќе се вратат на секојдневниот начин на живот.

Според ваше мислење, дали во позадина на „опуштеното“ однесување на Чулев стои партиска агенда?

– За жал да. И тоа можете да го потврдите со изјавите на опозициската партија, кои следуваа по неговите изјави да не се превземаат мерки. Жално е што во Владата има колеги со кој тој заедно се „натпреваруваа“ кој побрзо ќе каже во јавноста дека некоја од строгите мерки треба да се укине, без притоа да ги сослушаат препораките на Комисијата за заштита од заразни болести. Дел од одговорноста за ова што се случува денес ја имаат и тие.

Впрочем еден од аргументите за одложување на изборите им беше бројот на заболени, а денес во услови на просечна бројка од 100-тина заболени секојдневно одржуваат партиски митинзи без почитување на мерките. Толку беше од грижата за здравјето на граѓаните!

Како ја оценувате неговата борба со организациите кои делеа помош за време на ковид-кризата, а тој и неговата партија ја нарекуваат „поткуп на гласачи“?

-Нехумана политиканска постапка со која наместо да им се помогне на оние граѓани на кои им треба помош се обидува да го спречи тоа. Ако за него грижата за луѓето околу нас е поткуп, тогаш имаме сериозен проблем. Јас не мислам дека ако им помагаме на нашите пријатели, сограѓани тоа е поткуп. Потпкуп е да ги условувате со гласање за вас, а за сметка на тоа да им нудите решенија за унапредување кои се незаконски. Инаку во извештајот за случајот со наводен поткуп во Струмица се констатирани сериозни пропусти од страна на полициските службеници кои по политички налог сакале да направат случај на поткуп.

Еден од пропустите кој е евидентиран е дека превземале дејствија без налог од јавен обвинител и тоа јасно говори за намерите. Инаку лицата кои волонтирале и кои ги дистрибуирале хуманитарните пакети ја имаат целосната потребна документација. Мислам дека овие две реченици се доказ дека наместо политичка платформа и понуда кон граѓаните, опозицијата се врати на старите деструктивни методи.

Министерството за внатрешни работи отвора неколку истраги во кои инволвирани се и носители на јавни функции во областа на организираниот криминал и во областа на корупцијата, изјави Чулев неодамна. Имате ли информации дали воопшто има вакви истраги и до која фаза се тие?

– Уште во јануари оваа година, во МВР има една појава на масовни анонимни пријави од загрижени вработени кои укажуваат за наводен криминал направен за време додека министер беше Оливер Спасовски. И случајно или не, тие стигнуваат во одредени временски интервали, се адресираат исклучиво до министерот Чулев, напишани се во ист формат, па дури во некои од нив се препишани и цели реченици од претходните анонимни пријави. И кога ќе ги ставите сите „анонимки“ на куп го препознавате сценариото. Од оние што се завршени истрагите за најголемиот дел се изготвени известувања до ОЈО, но не и кривични пријави, затоа што очигледно немало доволно елементи за тоа.

И сега, како се ближи денот на изборите, така расте притисокот и нервозата на опозицијата и преку своите „технички“ кадри се обидуваат по секоја цена да ги завршат истрагите и проверките со цел да излезат во јавноста и да соопштуваат „спектакуларно“ откривање на криминалот. Едвај чекам да почнат со „спектакуларностите“ и тогаш пред јавноста ќе им ги откријам недоследностите и фингираните извештаи. На почетокот на мојот „технички“ мандат реков дека нема да дозволам МВР да стане МВРО и до крај ќе спротиставам на тоа.

Да ја потсетам јавноста на изјавата на Чулев дадена ден по неговото превземање на функцијата министер за внатрешни работи дека вработени во МВР се дел од списокот на платеници и соработници на криминалните групи. Поминаа цели шест месеци од таа изјава, ниту еден од тие „платеници“ не е уапсен. Ако имал сознанија за конкретни лица, зошто не превзеде мерки против нив. Не само што не превзеде, туку во Одделот за организиран криминал распореди лице против кое во моментот има три активни кривични постапки. Еве ги на дело неговите изјави.

Случајот „теретана“ кој е поврзана со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се уште не е затворен. Кој е вашиот најголем сомнеж од објавените снимки? Зошто упорно се кријат делови од снимките?

-Не се кријат делови од снимките, туку делови од снимките се избришани. И тоа е за одреден датум во месец април, неколку дена пред да бидат објавени снимките. Како можете да бидете задоволен со истрага во која е наведено дека недостасуваат делови од видео надзорот и да изјавите дека истрагата е завршена? Ова ли е искреност кон граѓаните? Случајот не смее да се затвори додека не се докаже кога е направена снимката и кој и зошто ги избришал деловите од видео надзорот. Во извештајот кој е доставен до ОЈО ова е констатирано и тука нема „отсјај“.

За овој случај повеќе немам сомнеж, знам дека се прави притисок по секоја цена да се затвори затоа што треба да се заштити Мицкоски. Тоа беше и причината заради кој тој се осмели да врши притисок врз вработени во Министерството. Да бев министер ќе излезев јавно и ќе ја осудев оваа постапка, а не да давам телефонски броеви на мои вработени. За каква правичност и праведност зборуваме ако дозволуваме да се врши притисок врз вработените.

Како го оценувате досегашниот тек на изборната кампања во однос на безбедноста и дали митинзите кои гледаме дека на широко се организираат од опозициската партија може дополнително да ја искомпликуваат ситуацијата со Ковид-19?

– Организирањето на митинзи и повикувањето на граѓаните спротивно на препораките и мерките е видлив доказ дека опозицијата не се грижи за нивното здравје и дека им е побитна бројноста отколку безбедноста.

Вие сте кандидат во изборната едница 2. Кои се најчестите барања на граѓаните кога ќе остварите средба и кои се вашите заложби ако го добиете следниот мандат?

– Искрено многу ме радуваат средбите со граѓани на кои јас ги слушам нивните согледувања за актуелната состојба, дури и кога има критики. Ме радува затоа што за критиките кои ги слушам имаме предвидено мерки во нашата изборна програма, и тоа значи дека сме на иста линија. Најголема критика е нереформираното судство, тоа е нешто што им пречи. И токму затоа тоа ќе биде клучен приоритет на нашата нова Влада. Судството е еден од столбовите на секоја демократска држава и тоа мора да го реформираме, за доброто и на државата и на граѓаните.

Една од политиките кои започнавме да ги спроведуваме и со задоволство ќе продолжиме, а граѓаните позитивно ја прифатија е мерката Маалски полицаец. За три години вработивме 1.500 млади полицјаци со кои започнавме да го надополнуваме сериозниот недостаток на униформирана полиција за кој долги години не се водел грижа. Оваа мерка ќе биде клучот за воспоставување на пријателски однос со граѓаните и создавање побезбедна средина за живеење.

Европската комисија ја достави предлог-преговарачката рамка за државава, поставени се рамките на патот што ја носат Македонија уште поблиску до членство во ЕУ. На тој пат кон Европа потребни се суштински промени во МВР, кое дефинитивно треба да се претвори во доверлив безбедносен сервис на граѓаните. Што е направено во последниве 3 години за да се доближите до вашите европски колеги и кои се клучните проекти на кои треба да се работи во годините кои следат, без разлика кој ќе остане на власт?

– Реформите во МВР започнаа со рефромата или одвојувањето на поранешната УБК, со восопоставување на надворешниот механизам за контрола на работата на полицијата, со формирање на повеќе единици за борба против нелегална миграција, организиран криминал и финансиски истраги. Она што е клучно во следниот период е да се продолжи со реформата на министерството и негова реорганизација во поглед на постигнување поголеми резултати и поголема ефикасност во борбата против организираниот криминал. И токму затоа приоритет мора да биде Одделот за организиран криминал и сузбивање на корупција, како и Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Севкупно, мора да се започне со процесот на прочистување на министерството, ама не по партиска основа, туку по принципот на чесност, одговорнот и професионалност. Не само да останеме на претпоставки за нечии конекции со криминални групи, туку докажување и санкционирање. Ова треба да биде столбот на реформирање на министерството.

Треба да знаете
Последни објави