Search

Интензивни контакти со ЕУ, Заев верува дека ќе се најде решение со Бугарија

 Највисоките претставници на институциите на ЕУ, наместо на средба во Брисел, поради Ковид-19 вчера преку повеќе видеоконференциски разговори, ја потврдија поддршката на Северна Македонија и ја охрабрија Владата да продолжи со реформските напори.

Во разговорите, премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, изразија надеж дека подготвеноста на земјата ќе се формализира и со усвојување на рамката за преговори на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и Првата меѓувладина конференција до крајот на годината.

Соговорниците, како што информира премиерот Заев на прес конференција, очекуваат во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи Првата меѓувладина конференција.

– На нашите соговорници им порачавме дека нашиот пат кон ЕУ нема алтернатива и дека очекуваме многу скоро да ги направиме првите следни чекори со секое отворено поглавје за европскиот квалитет на живеење на нашите граѓани, изјави Заев.

Заклучивме, посочи тој, дека е вложено многу од двете страни и ние сме подготвени со преговорите по поглавјата целосно и безусловно да ја исполниме нашата ЕУ агенда.

– Нема да дозволиме причини за нови одлагања, затоа што остварувањето на нашата следна стратешка цел членството во ЕУ е наша свечена обврска во име на иднината на државата и граѓаните. Нашата земја останува посветена на негување на добрососедските односи со континурирана имплементација на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, кои донесоа нова енергија и придонесоа за обновување на интензитетот на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, изјави Заев.

Премиерот Заев, смета дека подобар договор од Договорот за добрососедство и соработка не можеме да постигнеме со Бугарија и изрази уверување дека ќе работат континуирано, колку што е можно порано да се изнајде решение за разликите.

– Договорите со Грција и Бугарија не се само буква на хартија, тие се имплементираат во сите свои аспекти. Драго ми е што Бугарија многу често напоменува дека останува континуиран поддржувач за нашето членство во Европската Унија. Верувам дека согласно европските вредности и принципи постои решение за се. Фокусирани сме да се изнајде решение кое ќе создаде убава атмосфера за одржувањето на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, рече премиерот Заев и додаде дека решението треба да се најде до Првата меѓувладина конференција.

Во однос на изјавите од соседна Бугарија, министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека не треба да бидеме дел од нивниот предизборен политички дискурс.

– Не треба да бидеме дел од предизборниот политички дискурс на соседна Република Бугарија, кој што има интенција, токму со оваа изјава, за потоа нашите реакции да се искористат во рамки на една предизборна кампања. Не мислам дека ова ниту нам ни служи, ниту им служи на меѓусоседските односи и она што сакаме да го постигнеме заедно како две земји, изјави Османи.

Во рамките на вчерашната целодневна агенда за видеоконференциски разговори со највисоките претставници на институциите на ЕУ, Заев, Димитров и Османи остварија средби со со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, потпретседателот на ЕК Жозеф Борел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј и претседателот на ЕП Дејвид Сасоли.

Треба да знаете
Последни објави