Search

Интензивна дипломатска активност за осигурување на првата Меѓувладина седница со ЕУ во декември

Засилена дипломатска активност на Владата во пресрет на самитите на Европската Унија на кои се очекуваат клучните одлуки за финализирање на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава за веме на германското претседателство, со која и официјално започнува преговарачкиот процес.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров од вчера е во дводневна посета на Париз во обид да обезбеди француска поддршка во контекст на успешното заокружување на нашата европска приказна годинава. Тој вчера на средбата со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Клеман Бон заеднички констатирале дека со усвојувањето на рамката и одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и успеси што ги постигна земјата изминатиов период и од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите.

– Не е лесно да се добие француската поддршка и мислам дека Северна Македонија ја заслужи. На некој начин имаме заеднички интерес врз основа на новата методологија, која што треба да се отсликува и низ Преговарачката рамка, што сега се преговара на масата во Брисел меѓу земјите членки и да почнеме конечно со пристапниот процес, работејќи дома да нудиме аргументи за да ја имаме секогаш поддршката на Париз. Мислам дека во визијата на Франција за иднината на Европа имаме наше место, изјави Димитров.

Бон од своја страна истакна дека новата методологија е обемна и бара многу повеќе, но процесот станува потранспарентен и подобро ќе се компензираат напорите за спроведените реформи, а изрази и уверување дека ќе биде постигнат напредок во евроинтегративниот процес уште во декември.

– Мислам дека ќе можеме да постигнеме напредок во овој процес, уште во месец декември, и се радувам што заеднички и често ќе соработуваме бидејќи тоа е од заемен интерес за зајакнување на Европа, за зајакнување на регионот и за стабилизирање на нашата заедничка безбедност во наредните години. Станува збор за долгорочен проект кој заедно ќе го градиме и јас сум среќен што ќе продолжиме заеднички да работиме, порача Бон.

Димитров вчера одржа средба и со Изабел Думон, советничка за Континентална Европа и Турција во Kабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, на која била реафирмирана европската перспектива на Северна Македонија и позитивната динамика на реформскиот процес, потврдено и со последниот извештај на Европската комисија, а кои се значајни за стабилноста на регионот и пошироко, во контекст на актуелните безбедносни предизвици.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, имаше видео средба со министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу, на која се заблагодарил за силната поддршка на нашата посветеност во остварувањето на европските стандарди во сите области и изразил очекување во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата Меѓувладина конференција, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина.

Министерот Реинсалу, како што информираат од МНР, ја реафирмирал определбата за натамошно јакнење на пријателството меѓу двете земји, ја поздравил реформската определба на земјата во напорите за зачленување во ЕУ и укажал дека овој курс треба да продолжи да се имплементира во нашата држава.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера преку видео-конференциска врска ја оствари првата официјална средба со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на која дискутирале за евроинтеграциите на Северна Македонија и реформите во областа на владеењето на правото и правосудството.

Маричиќ истакнал дека покрај сите премрежија, очекува првата Меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите со ЕУ да се одржи до крајот на 2020 година, и дека тој процес значително ќе влијае на развојот на Северна Македонија и на темпото на реформите во сите области. Според Маричиќ, позитивниот Извештај на ЕК претставува силен аргумент и доволна причина зашто земјата треба да ги започне официјално преговорите до крајот на година под германското претседателство.

– На состанокот, Маричиќ ја реафирмираше својата подготвеност и заложбата сите реформски процеси од Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права да се прават во блиска координација и партнерство со ЕУ и под лупата на Брисел, се наведува во соопштението.

Во меѓувреме, останува засега нејасна позицијата на Бугарија во однос на усвојувањето на преговарачката рамка за нашата земја за преговори со ЕУ и одржувањето на првата Меѓувладина комисија до крајот на декемви во рамки на германското претседателство со Унијата. Поддршката за старт на преговорите со ЕУ Софија ги услови со напредок во работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања.

Последниот состанок за усогласување на преговарачката рамка треба да го одржи Советот за општи работи на ЕУ на 10 ноември во Брисел, што се совпаѓа со одржувањето на самитот на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат С Македонија и Бугарија.  На почетокот на ноември во Софија најавена е средба на премиерот Зоран Заев со неговиот бугарски колега Бојко Борисов на која се очекува да бидат надминати недоразбирањата.

Треба да знаете
Последни објави