Search

Иновативните алатки за потранспарентни општини во конкуренција за највлијателна заложба во Европа

Групата иновативни алатки кои ја зголемија транспарентноста на општините во земјава се во конкуренција на изборот за највлијателна заложба во Европа. Станува збор за Наградата за отворена влада, која се доделува на глобално ниво во рамки на десетгодишниот јубилеј на иницијативата Отворено владино партнерство. Гласањето ќе се одвива до 22 октомври, а поддршка за заложбата за потранспаренти општини во земјава може да дадат сите граѓани, со гласање на интернет страницата на Отворено владино партнерство.

Овие иновативни алатки беа креирани и ставени во функција во изминатите три години, во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“. Најобемната активност резултираше со креирање електронска алатка која на општините им овозможува да им ги прикажат на граѓаните финансиското работење и реализацијата на буџетот на разбирлив начин. Досега, вкупно 39 општини ја препознаа ефикасноста и практичноста на оваа алатка, а податоците за сите овие општини се достапни на веб страницата на Министерството за финансии. Оваа алатка придонесува кон подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво и информирано креирање на општинските политики. Дополнително, за вкупно 18 општински совети беа обезбедени дигитални технологии кои овозможија седниците на Советот да се пренесуваат во живо на социјалните медиуми. Третата активност, која се спроведе во 24 општини, придонесе граѓаните да бидат директно вклучени во процесот на носење одлуки што резултираше со реализација на 33 проекти пред сè наменети за ранливите категории граѓани.

„Министерството за локална самоуправа е носител на оваа заложба со која што се имплементираат нови и иновативни алатки за брз и лесен пристап до податоците за реализацијата на општинските буџети. Граѓаните можат да се информираат за што се користат нивните пари, а општините ја зголемуваат транспарентноста и отчетноста. Практично, корисноста е голема за сите, бидејќи граѓаните можат да влијаат, а нивните претставници во советот на општината да донесуваат одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци“, оценува Министерството за локална самоуправа.

Национален координатор на иницијативата Отворено владино партнерство, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација. Заложбата пак за транспарентни општини ја спроведува Министерството за локална самоуправа во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Министерството за финансии, ЗЕЛС, UN Women, Здружението на финансиски работници и партнерските општини, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.

„Развојот на локалната демократија е една од целите на кои УНДП работи посветено, на тој начин поттикнувајќи ја транспарентноста на општините. Наша цел и заложба во претстојниот период ќе биде активностите спроведени во рамки на овој проект да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, како и воведување нови иновативни алатки кои ќе придонесат за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, изјавија од Канцеларијата на УНДП во Скопје.

Доколку заложбата за потранспарентни општини биде избрана меѓу највлијателните во Европа, ќе учествува на Глобалниот самит за Отворено владино партнерство, кој ќе се одржи во Јужна Кореја кон крајот на годината.

Треба да знаете
Последни објави