Search

Индиската „Џет Ервејс“ престана со работа, во опасност 20.000 работни места

Некогаш моќниот индиски авио превозник „Џет Ервејс“ соопшти дека ги откажува сите летови, откако не успеа да се договори за привремено финансирање со банките во Индија, објави Си-ен-ен. Авионската компанија со месеци се бореше за опстанок на пазарот.

„Ова беше навистина тешка одлука, но без привремено финансирање, авионската компанија едноставно не е во можност да го води воздушниот превоз на патници“ се наведува во соопштението на „Џет Ервејс“.

Колапсот на компанијата е огромен удар за индиската воздушна индустрија, која се бори да ја задоволи растечката побарувачка, а притоа да ги задржи ниските цени и трошоците. Сепак, компанијата наведе дека се работи за привремено прекинување на летовите, а многумина сметаат дека поради недостиг на финансии во опасност се 20.000 работни места.

„Џет Ервејс“ сака да им изрази благодарност на сите вработени кои останаа во комапнијата во овие тешки времиња. Патниците кои резервирале летови, ќе бидат обесштетени, ќе бидат известени за привременото затворање на компанијата преку имејл и текстуални пораки, па ќе можат да задржат поврат на парите“ се додава во соопштението .

Компанијата е формирана во почетокот на 1990-те и наскоро почнала да доминира со индиската авиоиндустрија.

Треба да знаете
Последни објави