Search

Има 536 пожарникари помалку од законски потребните

Во државата недостигаат 536 пожарникари за да се достигне законски пропишаниот минимум, а просечната старост на противпожарните возила е 28 години, покажува истражувањето што го изработи Центарот за граѓански комуникации.

Најмногу пожарникари, над 200, му недостигаат на Скопје, по што следуваат Тетово каде недостигаат 65 пожаникари и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожаникари, во Битола 32 и во Прилеп 26 пожарникари.

Меѓу општините со повеќе од законски предвидениот минимален број пожарникари се Охрид и Ресен, кои имаат само по двајца пожарникари повеќе од минимално определениот број, како и Демир Хисар и Крушево – со по еден пожарникар над минимумот.

Шесте општини со ист број пожарникари колку законскиот минимум се Штип, Радовиш, Делчево, Македонски Брод, Пробиштип и Кратово.

Согласно Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици треба да изнесува девет пожарникари во општините до 10 илјади жители, 13 пожарникари во општините од 10 до 15 илјади жители и 17 пожарникари во општините кои имаат од 15 до 24 илјади жители. Во општините кои имаат над 24 илјади жители спогласно законот треба да има еден професионален пожарникар на 1.500 жители. 

Во однос на возилата кои ги имаат противпожарните единици во земјава, истражувањето покажува дека противпожарните единици располагаат со вкупно 241 возило со просечна старост од 28 години.

– Ова значи дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле” противпожарниот возен парк во земјава. Напротив, во текот на 2019 година противпожарните единици во земјава го зголемиле бројот на возила за 26, но нивната просечна старост изнесува дури 18 години. Во текот на истата година, расходувани се стари возила. Во меѓувреме од ланското истражување кое покажа загрижувачка состојба со противпожарните возила во земјава, со возила „на ново” се стекнале само противпожарните единици во Прилеп (две нови возила од 2019 година) и во Демир Хисар (едно возило од 2017 година), велат од Центарот за граѓански комуникации.

Најстари возила имаат Кратово и Делчево, а најнови Велес и Демир Хисар. 

Најстари возила, во просек 35 години, има противпожарната единица во Кратово, која од лани до сега го проширила возниот парк, но со стари возила. Со истата просечна старост на возилата од 35 години е и противпожарната единица од Делчево, а веднаш зад нив на третото место според просечната старост на возилата е Струмица, со 33 години. Со просечна старост на противпожарните возила од 32 години се Охрид и Крива Паланка, а просечно по 31 година се стари противпожарните возила на Куманово и Битола. Најстари противпожарни возила од 1966 година имаат Валандово и Струмица.

Спротивно на ова, најмлад возен парк, во просек по 20 години, имаат противпожарните едници во Велес и Демир Хисар. Меѓу подобрите се и Берово со 21 и Прилеп со 22-годишна просечна старост на противпожарните возила.

Општини со најмалку противпожарни возила се Македонски Брод каде има само две возила, како и Демир Хисар, Берово и Делчево каде има по три противпожарни возила. 

Треба да знаете
Последни објави