Search

Имаме ист сет мерки за заштита од КОВИД-19 со европските земји, но проблемот е во имплементацијата, вели Пендаровски

Од разговорите што сум ги имал со сите луѓе во здравствениот сектор тврдам дека ние не се разликуваме ниту за милиметар од сетот мерки што се преземаат во Холандија, Франција и каде сакате за заштита од КОВИД-19, проблемот е во имплементацијата. Менталитетот на луѓето е таков каков што е, но за жал и менталитетот на институциите кои треба  да ги применуваат прописите е таков каков што е.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски вечерва во интервју за емисијата Топ тема на Телма и нагласи дека на секаде во Европа бројот на заболени расте.

-Во овој момент постојат неколку држави во Европа кои воведуваат  порестриктивни мерки за заштита, но нема ни една која воведува целосен карантин како во април годинава. Сега сите се обидуваат да направат некаков микс меѓу шведскиот модел – економијата и училиштата да работат колку што е тоа возможно, а да не работат рестораните и кафеаните, рече Пендаровски.

За отворањето и затворањето на државните граници во услови на пандемија посочи дека може да се гледа низ два аспекта – политички, односно дали ако некој ни затвори граница и ние треба да му ја затвориме и вториот – здравствен.

-Од она што го кажуваат здравстевените експерти најголем проблем со заразените што ги имаме не е од оние што ни влегуваат во државата, туку од тие што се веќе внатре. Со евентуално отворање на границите без ПЦР-тестови прашање е колку ќе влезат зошто фреквенцијата преку границите е катастрофална. Уверен сум дека  нема да предизвика проблем отворањето на границите ако се гладаат статистиките, посочи Пендаровски.

Нагласи дека смета оти час поскоро треба да се донесе закон за вонредна состојба и додаде дека е добро да се размислува и за спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

-Ние сме мала држава со лимитиран број ресурси за каков било предизвик, а посебно не за пандемијата. Затоа можеби треба се да се фокусира и концентрира на едно место.Не можам формално да иницирам носење на закон за вонредна состојба, но можам да најдам пратеници кои ќе ја поднесат таа иницијатива или да го кажам јавно. Мислам дека не треба да чекаме нова пандемија и да изгубиме време да не ги концентрираме ресурсите кои ни се многу сиромашни, порача Пендаровски.

Прашан дали има шанса за консензус со опозицијата за битните прашања, рече дека се договориле само за тоа кога да има избори.

-Кога беше ситуацијата за немај каде и кога целиот свет се затвораше и граници и институции и луѓе по куќи и станови за битните национални прашања за жал во овој момент не можеме да постигнеме согласност. Ако добиеме прва меѓувладина конференција во декември, а се надевам дека ќе добиеме, првата задача која мора претходно да биде договорена за да стартуваме веднаш е да имаме заеднички тимови за преговори во кои опозицијата мора да има витална улога. Со оваа зла крв која ја гледам на политичката сцена не можам да видам како ќе се уогласиме дури и за тоа што велиме дека ни е стратешка цел. Како ќе одиме напред само со половичен политички капацитет. Ние ќе одиме, но многу е подобро ако ги имате сите умни глави без разлика од која политичка партија се, рече Пендаровски и додаде дека нема комуникација со опозицијата по нивната одлука да ја замрзнат комуникацијата поради доделувањето мандат на Зоран Заев за состав на Владата без обезбедено мнозинство.

Треба да знаете
Последни објави