Search

Илиевски на средба со граѓаните од бул. „Октомвриска револуција“: Да садиме дрвја наместо столбчиња

Денес кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата, Оливер Илиевски, оствари средба со граѓаните од бул. „Октомвриска револуција“, поточно на локацијата на поранешен My market, каде одржа прес конференција на која истакна дека на станарите од станбените згради во околината им недостасуваат места за прошетка и рекреација.

-Локацијата на која се наоѓаме е позиционирана до реката Кумановка, што овозможува идеални услови за зголемување на зеленилото со израснати и полуизраснати висококвалитетни дрвја, вклучително и на место на сегашните неплански поставени столбчиња по булеварот Октомвриска револуција. Да садиме дрвја наместо столбчиња. Овде има повеќе станбени згради на чиишто станари им недостасуваат места за одмор, рекреација и дружење, како за возрасните, така и за најмалите. За таа цел во Програмата со Мој Еколог предвидуваме уредување на локацијата наречена „Ореов лад“ со изградба на детско катче, со различни детски реквизити, уредување на напуштените зелени површини и уредување на секој квадрат.

Дополнитено, во следните четири години, конечно ќе го реализираме долгонајавуваниот проект за оградување и целосно хортикултурно уредување на Градскиот парк, кој исто така за најмалите ќе добие катче со детски реквизити за игра. На овој потег од градот се наоѓа и Градскиот стадион кој исто така завзема значајно место во Програмата и истиот ќе биде целосно реконструиран, со три трибини, , со што ќе му го вратиме изгубениот сјај на овој објект и ќе допринесеме Куманово да се врати на фудбалската мапа.

На Куманово не му е потребно незаконско поставување на билборди за реклама, па така, исто како столбчињата на Октомвриска, и дупките кои ги гледаме во изминатиот период предвидени токму за билборди, ќе бидат пренаменети за засадување на дрвја, како и уредување на пешачка и велосипедска патека.

Ќе изградме кеј од влезот на градот до поранешниот Хотел Куба од двете страни со продолжување на пешачка патека по должината на кејот.Доколку сакаме да ја развиеме свеста кај секој од нас за чист и зелен град, за град со велоспеди, а не само автомобили, мора да обезбедеме услови и простор за тоа, со реализација на дело. Со изградба на адреналински парк и вело парк ќе овозможиме младите да имаат простор кадешто ќе си ги тестираат границите и ќе излезат од комфорната зона.

Со парк за милениците се грижиме за благосостојбата на домашните миленици, со адаптиран простор, со соодветни елементи за рекреација наменети за домашни миленици. Да ја подигнеме свеста кај сите граѓани за односот кон животните.Нема повеќе да ги прескокнуваме автомобилите додека пешачиме, децата, возрасните, родителите со колички мора да ги заштитиме од сообраќајниот метеж, а тоа ќе го постигнеме токму со ослободување на пешачките зони и изградба на нови пешачки патеки.

Со современо уреден кеј, со раззеленети површини, со амфитеатар на кејот, култни куќи и нова урбана опрема да изградиме нов лик на овој дел од градот. Нема да имаме потреба да заминуваме надвор од градот за да прошетаме покрај зелени дрвја и паркови, парковите ќе си ги донесеме тука, да може секој да излезе на чист воздух, на кафе на клупа, на џогирање.

Да продолжиме со проекти за унапредување и модернизација на градот. Доколку сакаме да ја развиеме свеста кај секој од нас за чист и зелен град, за град со велоспеди, а не само автомобили, мора да обезбедеме услови и простор за тоа, со реализација на дело, заврши Илиевски.

Треба да знаете
Последни објави