Search

ИКС организира тримесечна обука за новинарство

Институтот за комуникациски студии (ИКС) распиша конкурс за прием на 10 учесници на тримесечна обука за новинарство.

ИКС ја организира оваа обука како дел од проектот  „Поврзи ги точките: Подобрени политики преку граѓанско учество” , поддржан од Британската амбасада во Скопје. Целта на програмата е учесниците да стекнат применливи вештини и знаења за новинарско изразување, истражување и мултимедијална продукција кои се неопходни за работа во современа редакција или за самостоен ангажман.

Обуката, како што информираат од ИКС, е идеална за оние кои сакаат да работат во информативна редакција и за оние на кои им е потребно усовршување на техниките за новинарско изразување во дигиталната ера. Ќе се реализира во период од три месеци (ноември 2020 – јануари 2021), со комбинирани предавања со физичко и онлајн присуство. Предавачи ќе бидат искусни домашни и странски новинари.

Обуката изобилува со теренска настава, самостојно и во придружба на предавачите. Секоја недела се предвидени вебинари со гости предавачи. Во последните три недели од програмата, учесниците ќе изработуваат финална задача на реални теми што се дел од новинарските истражувања на ИКС. За време на истражувањето, учесниците ќе имаат менторска поддршка. ИКС обезбедува опрема и услови за новинарска продукција (снимање и монтажа), иако програмата фаворизира употреба на алатки во мобилното новинарство.

На конкурсот може да се пријават полнолетни граѓани со завршено средно образование кои сакаат да се оспособат за новинарство и за работа во медиуми. Конкурсот е одлична можност за професионална надградба и пракса за студентите по новинарство, постдипломците во областа на медиумите и комуникациите, но и за студентите од други општествени науки кои имаат афинитети за работа во медиуми. Се охрабруваат да се пријават и студентите на факултетите на кои се изучуваат природните науки, како и младите активисти во сферата на животната средина, заштита на биодиверзитетот и сл., кои сакаат да стекнат новинарски вештини.

Заинтересираните кандидати треба да достават: мотивациско писмо и кратка биографија кои заедно со пријавата (преземи овде) треба да ги испратат на obuka@iks.edu.mk, до 25 октомври (недела).

Комисија составена од предавачи на ИКС и искусни уредници ќе ги повика кандидатите избрани во потесниот круг на разговор, врз основа на нивото на образование, претходното искуство (CV) и покажаниот интерес (мотивациското писмо). Избраните 10 кандидати ќе потпишат договор со којшто ќе се обврзат дека ќе ја следат и завршат програмата, вклучувајќи го и стажирање во продукцијата на ИКС или во други медиуми додека ја изработуваат финалната задача.

Треба да знаете
Последни објави