Search

Изминатите денови, вкупно 91 инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во јавни и приватни здравствени установи

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната редовна прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот во земјава.
„Имаме пет починати пациенти, четворица на Клиниката за инфективни болести (од нив еден од Куманово, од Лабуништа, од Челопек, од Штип) и уште еден пациент починал во Куманово. На Инфективната клиника во изминатите 24 часа се примени четири пациенти. Во моментов се хоспитализирани вкупно 67, од кои шест се на механичка вентилација, 12 се со потешка клиничка слика. За жал имаме и влошување на состојбата и на родилката од Куманово, таа се уште е респираторно самостојна, меѓутоа значајно и е полоша клиничка слика и радиолошкиот наод на белите дробови и интензивно се следи нејзината состојба”, истакна министерот Филипче.
Тој потенцираше дека во Градската општа болница „8-ми Септември” хоспитализирани се 19 пациенти, од коишто три се на респираторна машина, а девет се со потешка клиничка слика.
Вчера во Клиничката болница во Битола пристигнаа сите пациенти од болницата во Охрид. Тоа ќе биде центар којшто е регионален за третман на сите пациенти од овој регион, имајќи ја во предвид добрата инфраструктура, физички одделено одделението за инфективни болести од зградата на болницата, но и доволниот број на инфектолози и анестезиолози доколку е потребна поддршка во смисла на инкубација и респираторна машина.
„Во Штип се хоспитализирани четворица пациенти. Еден со средно тешка клиничка слика и тројца со лесна клиничка слика. Во однос на Клиниките во Скопје, на Клиниката за дигестивна хирургија има едно лице од средно-техничкиот персонал кој има заболени во семејството, но се уште не потврдени на коронавирусот. Во текот на утрешниот ден ќе се тестираат сите луѓе коишто биле овие 2-3 дена со него на работно место, ставени се во автоизолација и согласно резултатот од брисевите на вработениот и членовите на неговото семејство ќе се постапи понатаму и со неговите колеги на работа”, рече министерот Филипче.
Тој заедно со државниот секретар Владимир Милошев и претставници од Институтот за јавно здравје, денеска, ја посетил болницата во Куманово, со оглед на тоа што кај 18 вработени веќе е дијагностициран вирусот КОВИД-19. Во болницата, направена е реорганизација на работата, најмногу афектирано е инфективното одделение, доктор од Штип и од Скопје практично ја водат работата на инфективното одделение. Што се однесува до останатите одделенија, сите функционираат соодветно и нема друго одделение во Куманово коешто е со компромитирана функција поради недостаток на кадар. Директорката го информирала министерот дека има доволна количина на заштитна опрема  и секаде каде што се троши, таа се надополнува во моментот кога ќе се укаже потреба.
„Во изминатите 24 часа потврдени се 29 нови случаи. Во Скопје – 15, Куманово – 7, Прилеп – 1, Струга – 3 и во Кочани – 3. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти изнесува 599. Направени се во изминатите 24 часа, 386 тестови и вкупно тестирања во земјава 5.879. Државниот здравствен и санитарен инспекторат беше на увид на терен во повеќе јавно-здравствени установи во изминатиот период согласно одлуката и препораката, односно задолжувањето од централниот штаб во Владата.
Од 30-ти март до 5-ти април направен е вкупно 91 инспекциски надзор: 79 во јавно-здравствени установи, 12 во приватни. Направен е увид во однос на опременоста, количината на заштитни маски, ракавици, капи, мантили за еднократна употреба, визири и калјачи,  сè  што се користи за пристап кон пациенти на соодветно ниво на здравствена заштита. Констатирани се доволни количини, како и средства за дезинфекција на работни површини и дезинфициенци за раце”, потенцираше министерот Филипче.
Министерот Филипче го честиташе денешниот Светскиот ден на здравјето на сите колеги здравствени работници, кои како што истакна, во овие услови на светска здравствена криза, во услови на пандемија од коронавирусот, го даваат својот максимум за спасување на човечки животи.
„Здравствените работници се на првата борбена линија и даваат сè од себе во лекувањето и третманот на пациентите, а со тоа спасуваат човечки животи. Во овие моменти тие се столбот на државата и нашата најголема надеж. Апелирам до моите колеги – да го чуваат своето здравје, да се штитат на работното место, но и надвор од работното место. Во името на сите здравствени работници сакам да упатам апел до граѓаните да се придржуваат до мерките, да дадат точни и прецизни одговори на прашањата на медицинскиот персонал заради тоа што така се штитат медицинските работници, така го одржуваме здравствениот систем”, рече министерот Филипче.
Тој апелираше до граѓаните, сите да бидат одговорни кон себе и кон своите најблиски, кон останатите сограѓани. Да се придржуваат кон мерките, да ги почитуваат, со цел да се стави крај на патот на ширење на вирусот. Со оглед на тоа што веќе има над еден милион случаи во светот, а близу 70.000 починати, Светската здравствена организација во текот на денешниот ден ги предупреди земјите коишто планираат да ги ублажат мерките, да размислат, заради тоа што мислат дека има одредени мислења дека е се уште рано.
„Ние воведовме рестриктивни мерки за коишто верувам дека ќе има целосно разбирање, заради тоа што само такви мерки може да доведат до дефинитивно спречување на вирусот. Не е едноставно да се донесат такви мерки, меѓутоа тоа е нешто што мора да го направиме за да го намалиме ризикот по сопственото и колективното здравје”, додаде Филипче.
Според дополнителната информација од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во дополнителниот извештај, кој е испратен попладнето информираше за пациент од Скопје (45г), тестиран и потврден позитивен на КОВИД-19 преку Ветеринарен факултет, кој починал на пат кон болницата „8- ми Септември”.
Треба да знаете
Последни објави