Search

Измамата стана бизнис додека државата штеди

Одборот на францускиот Парламент минатата недела усвои извештај, во кој се наведува дека покрај хаосот и неуредната евиденција во регистрите за здравствено и социјално осигурување постои очигледна масовна измама и пријавување лажни податоци врз чија основа постоечките и непостоечките граѓани добиваат социјална и здравствена помош. Известувачот, пратеникот од десниот центар Паскал Бринде (УДИ) алармира. Сумите кои се одлеваат од државниот буџет се колосални, пишува париски „Фигаро”. Читајќи ги овие вести, секако сите си го поставуваат прашањето колкави се тие суми. Одговорот е: „Не знаеме.”

„Фигаро” додава дека парламентарниот извештај предизвикал разочарување поради заклучокот дека досега не може да се процени колкави се загубите на државната социјална и здравствена каса поради измамата. Се предлага утврдување по аналогија: ако во Шпанија, Италија и Велика Британија поради измама државата губи од три до десет отсто од вкупната сума за социјално-здравствена заштита, тогаш во Франција загубата би можела да се движи од 14 милијарди до 45 милијарди евра.

Ваквата пресметка секако е непрецизна и е погодна за сите можни политички интерпретации.

Извештајот на неделниот „Капитал” дава приближна идеја за тежината на финансиската измама. Да кажеме дека Пензиското осигурување проценило дека загубило 14,9 милиони евра во текот на минатата година поради лажни декларации, фалсификати и слично.

Измами со пензиите

Неделникот „Капитал” посебно известува за измамите со социјалните пензии односно за случаи кога државата поради ниските приходи им додава на пензионерите одредена сума за да имаат минимум од околу 800 евра или кога станува збор за брачна двојка: околу 1.300 евра заедно.

Иако пензионерите се тие кои најмалку мамат, „Капитал” констатира дека во сферата на социјални пензии има најмногу измами, бидејќи тоа се случаи каде државата им дава на пензионерите со ниски приходи одредена сума за да го имаат загарантираниот минимум од 1.300 евра по брачна двојка пензионери, на пример околу 850 евра ако пензионерот живее сам.

Авторот на текстот заклучува: за да се намалат измамите во доменот на пензии и социјални пензии бројот на вработени агенти, чија работа е контролата  – мора да биде значително поголем. Тоа се службеници кои работат под заклетва и наместо да ги има што повеќе, тие од година во година се сè помалку, предупредува „Капитал”.

Весникот додава дека поголемиот број социјални давачки и здравствени трошоци исплатени врз основа на изјави, кои администрацијата може дополнително да ги контролира. Експертите укажуваат дека оттаму произлегуваат голем број измами и загуби на државните пари. Тоа што е потребно е даноците и приходите, местото на престој и брачната состојба да се регистрираат во една централна банка на податоци. Белгија тоа го направи многу успешно, зошто тоа не би го направила и Франција?

Засега, иако Франција не е федерација, секој регион има своја социјална и здравствена администрација. Тие се бирократски бавни и парализирани со државното штедење, чија последица е намалување на бројот на вработени во сите домени кои се финансираат од државниот буџет.

Токму овие факти создадоа погодно тло за масовни и организирани измами во сферата на здравственото и социјално осигурување.

Романски брачни двојки

Звучи неверојатно неодамнешното откритие дека две брачни двојки од Романија врз основа на лажни изјави и лажни документи поднесени до државната администрација, пријавиле 1.200 (илјада и двесте) бремености. За тоа добија соодветна сума од државата на име здравствена и социјална помош, изјави за информативната телевизија „Це-њуз” правникот Шарл Пратс, автор на книгата „Картел на измами”.

На тој начин двете романски брачни двојки од францускиот државен буџет извлекле еден милион и седумсто илјади евра (1.700.000 евра). Тие направија „грешка” кога од северна Франција, каде добро „работеа”, се префрлија во Алзас, покраина на границата со Германија, каде администрацијата е подобро организирана и е единствена која работи без дефицит. Совесните службеници ги провериле барањата за надомест за бременост и откриле колосална измама со која управува криминална мрежа.

За измамите, кои станаа бизнис, пишува и локалниот весник од западна Франција „Депеш”, а правникот Жорж Фенеч предупредува дека од таканаречените мрежи и поединици кои на граѓаните им нудат услуги поврзани за таканаречената паралелна медицина – најчесто стојат измамници. Тешко болните лица често се лесна жртва на оние кои кажуваат дека имаат лек против неизлечливата болест. Голем број канцери во почетен стадиум би можеле да бидат излекувани или ќе беше продолжен животот, ако пациентите не им поверувале на тие кои не забораваат добро да ги наплатат своите „услуги”.

На насловната страница на локалниот венсик од североисточниот дел на земјата „Унион” читаме „Изолациија (на куќи) – внимание, измама!”. Станува збор за одлука на државата да даде симболично едно евро за финансирање изолација на домот за тие со најниски приходи. Рекламите и рекламните телефонски повици често се само параван да се најдат жртвите. Таков е случајот со Валери Ламберт.

Работниците кои пристигнале кај госпоѓа Ламберт не зборувале француски, сè што направиле било речиси катастрофално, повеќе не можат да се отворат како треба прозорците, олуците се преполни со шут, работата незавршена, фирмата исчезна без трага откако доби дел од исплатата. „Видоа дека живеам сама и проценија дека можат да прават што сакаат”, заклучува таа.

Криминални мрежи

Локалниот дневен весник од јужна Франциија „Ница-Мартин” на првата страница известува дека госпоѓа и господин Марија – Тереза и Хенри Калостин (75) успеале да влезат во својата викендичка во село Тул-су-Мер, на јужниот брег на Франција, чии сопственици се веќе 36 години. Тие им заблагодарија на новинарите за помошта, бидејќи нивната авантура со денови беше „тема на денот”.

Тие кога пристигнале во својата викендичка, затекнале непозната брачна двојка со две мали деца како руча на нивната тераса. Бравата била сменета – значи нема доказ дека провалиле во куќата. Кога пристигнале полицајците тие се повикале на законот според кој секој сопственик мора преку адвокат да докаже на суд дека навистина е сопственик на станот.

Се покажа дека организирани криминални мрежи на ваков начин – во извесна смисла легално – вселуваат „станари” во куќите и становите – посебно во тие кои немаат статус на главно место на престој за нивните сопственици.

Сопствениците мора да земат и платат адвокат и да поведат процедура, која обично е многу долга, бидејќи и правосудството исто така е подложно на државното штедење како и другите државни сектори. Криминалците на исцрпените сопственици кои немаат пари ниту нерви за процедури и адвокати им предлагаат да го продадат „заземениот” стан или куќа – секако за половина цена. Тоа не беше случај со господин Калостин. На негова среќа се крена медиумска врева, а и брачната двојка во нивната куќа почнаа да се тепаат, па мажот е уапсен поради семејно насилство, а државата побрза на неговата жена и деца да им најде сместување. Покрај тоа жената изјави дека таа и нејзиниот маж имаат (социјален) стан во една париска област, од кој морале да заминат бидејќи сопругот се скарал со соседите.

Треба да знаете
Последни објави