Search

Изложба на илустрации на големиот ликовен уметник Димитар Кондовски во „Мала станица“

Во рамките на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, ќе биде отворена изложба на илустрации на големиот ликовен уметник Димитар Кондовски, еден од доајените на македонското сликарство.

Изложбата ќе биде отворена на 14 октомври во Национална галерија на Република Северна Македонија, објект „Мала станица“.

Изложбата ќе биде организирана под посебен протокол во однос на заштитните мерки против Ковид-19. За време на настанот ќе бидат организирани повеќе работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат, како и да ги запознаат и истражуваат делата на Кондовски. Тие ќе креираат и свои приказни инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.

Организаторот на фестивалот „Литера“, агенцијата „Ефектива“ најавува интересно патување за сите посетители и поддржувачи на фестивалот.

Димитар Кондовски (1927-1993) во својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 60-тите години на минатиот век, а изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на Кондовски што ја подготвува оваа установа.

Треба да знаете
Последни објави