Search

Изложба „Децата на земјата” од Виктор Мануел Хернандез Кастиљо во Куманово

Изложба на графики „Децата на земјата” од уметникот Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, синоќа беше отворена во Уметничката галерија во Куманово.

НУ Музеј Куманово ја организира изложбата во соработка со Амбасадата на Мексико во Белград. Изложбата на графики опфаќа циклус од 16 дела изработени во техника линорез, а ја отвори амабсадорот на Мексико во Србија и нерезидентниот амбасадор во БиХ, Македонија и Црна Гора, Марко Антонио Гарсија Бланко.

-Идејата е да се промовира соработката меѓу Мексико и Македонија. Почнавме со реализација на културни активности во Скопје, но битно е да се оди и во внатрешноста на Македонија. И сега имаме чест оваа изложба да ја претставиме во Куманово. Идејата е да не бидеме концентрирани само во главниот град и затоа сме тука овде на наше големо задоволство, изјави амбасадорот.

Авторот, кој живее и работи во Мексико Сити, е дизајнер и графичар по професија, чија специјалност се големи линорези. Досега реализирал самостојни изложби во Полска и Мексико, а излагал и на групни изложби во Канада, Куба, Норвешка, Јапонија, Германија, Бугарија, Италија и Чешка.

Владо Ѓорески, уметнички раководител на Меѓународното графичко триенале во Битола, кој ја отвори изложбата, рече дека со авторот имаат долгогодишна соработка.

-Сметам дека е еден од најдобрите автори не само во Мексико, туку во светски рамки и мислам дека во Куманово вечерва се случува значаен културолошки планетарен момент, затоа што авторот во секој момент може да одбира светски центри на своето претставување го одбра Куманово и во разговорот со него беше пресреќен за овој настан, истакна Ѓоревски.

Тој истакна дека овие дела се наоѓаат во амбасадата на Мексико во Белград, со што таа се јавува како чувар на духовното богаство. Изложбата ќе биде поставена до 10 февруари и е прва со која Уметничката галерија годинава ја почнува својата активност.

Треба да знаете
Последни објави