Search

Излегоа пораките на Киелини за малверзациите во Јувентус: Никому не кажувајте му за ова

Јувентус го тресе афера поврзана со наводни финансиски малверзации извршени во 2020 година, поточно во периодот на почетокот на избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Челниците на клубот, кои пред неколку дена поднесоа оставки, се обвинети дека потпишале лажни договори со играчите за намалување на платите за време на пандемијата, но и покрај потпишаните договори, тие ги добивале своите плати во полн износ, со што клубот избегнал да плати милионски даноци.

Италијанските медиуми објавија порака од легендарниот капитен на Јувентус, Џорџо Кјелини, која наводно ја испратил во заедничката група на „WhatsApp“.

„Поздрав до сите, како што знаете, разговарам со Фабио (Паратичи) и со претседателот за да се најде начин да му помогнеме на клубот и на сите вработени во овој тежок момент. Претседателот гарантира дека една плата ќе земаме до лето, а остатокот во следната сезона.

Во случај да се согласите, утре ќе имаме документ потпишан од претседателот кој ќе го гарантира сето горенаведено. Поради пазарното законодавство, јавноста ќе добива само информации за тоа дека се откажуваме од платите. Се бара НИКАДЕ ДА НЕ ЗБОРУВАТЕ ЗА ДЕТАЛИТЕ ОД ДОГОВОРОТ.

Следниот ден во групата на „WhatsApp“, Кјелини испратил нова порака.

„Ќе ни ги исплатат сите плати без разлика што пишува во договорот што јас и претседателот го потпишавме, каде што се договоривме да се откажеме од се до крајот на сезоната. Јувентус сака да издаде соопштение во кое ќе каже дека се откажавме од платите за да му помогнеме на клубот. Ви благодариме за сè“.

Да потсетиме, голем број италијански прволигаши, меѓу кои Јувентус, Наполи и Сампдорија беа под истрага за вештачко пумпање на вредноста на трансферите, но Јувентус се сомничи и за други измами.

Имено, за време на избувнувањето на пандемијата на коронавирус во 2020 година, 23 првотимци на „Старата дама“, потпишаа анекси на договорот со што им беа намалени платите за клубот да ја преброди кризата. Но, обвинителството тврди дека тие анекси биле фиктивни и дека Јуве незаконски им ја исплаќал целата плата на играчите, но потпишаните анекси му овозможиле да плати помал данок.

Да потсетиме, во 2006 година, по аферата „Калчополи“, Јувентус беше исфрлен во Серија Б, а на клубот му беа одземени титулите. Има шанси тоа да се повтори доколку истрагата утврди дека споменатата финансиска малверзација му помогнала на Јувентус да го регистрира тимот и да се натпреварува на највисокото ниво на италијанскиот фудбал. Покрај исклучување од лигата, можна е и помала казна во вид на одземање бодови.

Пред неколку дена клубот го напуштија претседателот Андреа Ањели, неговиот заменик Павел Недвед и извршниот директор Маурицио Аривабене, како и голем број помали функционери. Тоа се Лоренс Дебро, Масимо Дела Рагионе, Катрин Финк, Даниела Марилунго, Франческо Ронкаљо, Џорџо Такија и Сузан Кејвуд.

Под истрага се 16 лица, сегашни и поранешни вработени во клубот, а имињата кои најмногу се издвојуваат се Андреа Ањели, Павел Недвед и Маурицио Аривабене, луѓе кои го напуштија клубот.

Треба да знаете
Последни објави