Search

Издржавме полувреме со Германците, но останавме без Адеми

Германија доминира вечерва во Скопје, но мрежите мируваат, а Македонија се заканува на контри.

Иако Германците притискаа, првата посериозна шанса дојде пред нивниот гол. Преку контра напад Алиоски изнуди корнер по кој во 16. минута Велковски се обиде со глава, но крај голот на Нојер. Германците веднаш вратија, но обидот беше повеќе случаен, иако малку фалеше да го измами Димитриевски.

Потоа во 25. минута Раум се обиде од изгледна позиција од слободен удар, но го погоди ѕидот, на одбиената топка ударот на Гнабри го скроти Димитриевски.

Минута подоцна Елмас од косо го тестираше Нојер по брзата контра, но играчот на Наполи беше себичен бидејќи Адеми чекаше топка на шут на 16 метри.

Во 29. минута Милевски мораше да направи принудна замена. Адеми повреди уште во 23. минута кога го направи фаулот за слободниот удар на Раум, продолжи да игра по лекарската помош, но не можеше да издржи и на негово место влезе Стефан Спировски.

Во судиското надополнување Вернер ја погоди стативата, а на одбиената се обиде Милер, но Димитриевски одби во корнер па со почетниот резултат од 0:0 се замина на пауза.

Благоја Милевски вечерашниот натпревар го почна со следниве единаесетмина: Столе Димитриевски; Езџан Алиоски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Стефан Ристовски (к); Аријан Адеми, Бобан Николов, Тихомир Костадинов; Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, Адис Јаховиќ. Неговио колега Ханси Флик се одлучи за Мануел Нојер; Давид Раум, Тило Керер, Никлас Зиле, Лукас Клостерман; Јосуа Кимих, Леон Горецка; Каи Хаверц, Томас Милер, Серж Гнабри; Тимо Вернер.

Треба да знаете
Последни објави