Search

Изградена првата куќа од проектот „Топол дом” на здружението „Проект среќа”

Здружението „Проект среќа” како дел од проектот за реконструкција и градење на домови на семејства со деца, кои живеат во тешки и нехумани услови „Топол дом за сите”, во февруари почна со изградба на куќа на семејството Симоновски од Ѓорче Петров, Скопје – самохран татко на пет мали деца.

Сенатор Казина и хотелот „Paint It Black” од Гевгелија се пријавиле како главен донатор за градежните работи за цела куќа.

– Тие дојдоа со своја екипа, и со неверојатен професионализам, и употреба на најквалитетни материјали, ја реализираа изградбата од кров до под. Во текот на градбата, се јавија и останати компании кои сакаа да учествуваат, па на 10 март завршивме со комплетна изградба на целата куќа, која беше во многу лоша состојба, во фаза на карабина, без електрични и водоводни инсталации, соопштија од здружението.

Тие деца, велат оттаму, кои спиеја на под, без тоалет, ниту било што кое едно дете треба да има, за прв пат имаат своја соба, кревети, тоалет, вода, струја, и се што еден дом треба да поседува.

– Ние веќе ги имаме селектирано следните 10 семејства, на кои сакаме да им изградиме таква среќа, и да им го смениме животот од корен, нудејќи им за прв пат, вистински дом во каков секое дете треба и има право да живее, велат од здружението.

Заради кризата со коронавирусот, информираат, активностите се моментално запрени, но се надеваат дека многу наскоро ќе продолжат со проектот.

– Апелираме до сите компании, особено градежни компании кои се бават со било кој сегмент од градба и уредување, да се пријават и заеднички да изградиме среќа и топол дом за огромен број деца од цела земја, потенцираат од здружението.

Треба да знаете
Последни објави