Search

Изградба, но и редовно одржување на патиштата со воведување нови технологии

Да се реализираат тековните изградби на автопатиштата, да се направи проширување на одредени делници, да продолжат инвестиците во локалните патишта, но и да се работи на редовно одржување што моментно е рак рана на патиштата, препорачува професорот на Градежниот факултет Скопје при УКИМ д-р Слободан Огњеновиќ кој за МИА ја анализираше програмата на Владата во транспортната инфраструктура.

Со програмата е најавено дека наредните четири години ќе продолжи спроведувањето на десетгодишната стратегија за развој на патната инфраструктура, модернизација и безбедност, преку крупни инвестиции во висина од дополнителни две милијарди евра. Во програмскиот столб „сигурен транспорт” се ветува изградба на автопати во должина од 260 километри, инвестиции во 950 километри локални патишта, проширување на 300 километри експресни и регионални патишта, како и обнова на патни правци во должина од 1.500 километри.

Конкретно, се планира да продолжи изградбата на автопатите Кичево – Охрид, каде се завршени 80-тина проценти од работите, a за летниот перод се најавуваше возење по првите 30 километри и Скопје- Блаце, каде се во тек подготвителни активности. Се планира изработка на проектна документација за нова автопатска делница Велес – Прилеп – Битола, Струга-Требеништа, Струга – Ќафасан, Гостивар – Кичево и Тетово – Гостивар.

-Во однос на изградбата на автопатската мрежа секако дека треба да се реализираат делниците кои што се во фаза на изградба Кичево-Охрид и Скопје-Блаце, иако на делницата Скопје-Блаце во моментов се работи само на околу два километра од границата со Косово, а останатиот дел кон Скопје е во фаза на изработка на проектна документација. Исто така, добро е да се реализира и проширувањето на автопатот Гостивар-Тетово до полн профил со потребната ширина на средната разделна и со ленти за принудно застанување. Што се однесува до делницата Требеништа-Струга-Ќафасан, таа треба да се надоврзе на делницата Кичево-Требеништа, затоа што во крајна линија, главна сообраќајна делница е Кичево-Ќафасан, а делницата Требеништа-Охрид е само крак од Коридорот 8, вели Огњеновиќ за МИА.

За Коридорот 8,  дополнува, добро е што е во фаза на изработка проектна документација за делницата Букојчани-Кичево. На делницата Гостивар-Букојчани, според прелиминарните сознанија од 2014-2015 година, потребни се дополнителни истражувања од аспект на заштита на животна средина (постоење пештери, растенија од ендемски карактер). Успех ќе биде, укажува, доколку во наредниот период бидат извршени тие истражувања, кои се од исклучителна важност за проектантите.

Во некаков облик, наведува проф. Огњеновиќ, изненадување е делницата Велес-Прилеп-Битола, особено поради фактот што веќе во фаза на изведба е експресниот пат Градско-Прилеп, делници каде што во овој момент има само две сообраќајни ленти, па се поставува прашањето дали воопшто ни е потребна автопатска делница Велес-Прилеп-Битола во услови на постоење на ескпресен пат, во комбинација со пат со три сообраќајни ленти Градско-Прилеп. Секако пред да започне градежното проектирање, треба да се изработи студија за оправданост на оваа делница, посочува професорот.

Препорачува насоката од автопатот Велес-Катланово да се догради до ниво на полн профил на автопат ( за насока од Катланово кон Велес), а постоечката насока од Катланово кон Велес да се користи како алтернативен пат. Имено, на постоечкиот пат Катланово-Велес, имаме ограничување на брзината од 50 километри на час, а автопатиштата треба да обезбедат брзина од најмалку 80 километри на час. Исто така, укажува, на делницата од Миладиновци кон Куманово недостига лента за принудно застанување која во наредниот период секако треба да се изведе.

Според програмата на Владата, во делот за плановите за изградба и проширување на експресни и регионални патишта ќе се работи на делниците Смоквица – Струмица – Ново Село, обиколницата Битола – Меџитлија, Штип – Радовиш во изградба, Извор-Бошков Мост, како и на експресниот пат Штип – Кочани, каде првата делница Штип – Крупиште е пуштена во употреба, а ќе продолжат работите на делницата Крупиште – Кочани.

Се ветува и продолжување на работите на делниците Куманово – Крива Паланка, Куманово – Ранковце и и Ранковце – Крива Паланка (во изградба), Делчево – Кочани, Градско – Прилеп (во изградба) и обиколница Тетово (клучка Требош-Порој-Непроштено). Во плановите на Владата е ставен и патот Тетово-Призрен, каде, како што стои во програата, врз основа на физибилити студија, заедно со косовската страна ќе анализираат што е економски оправдано решение.

-Што се однесува до делот за градење експресни и регионални патишта, најпрво е нејасно зошто се ставени во иста група во Програмата, затоа што по сите параметри (сообраќајни, градежни, административни, економски…) драстично се разликуваат. Во крајна линија, изградбата на експресни патишта е само фаза од изведба на автопат во полн профил во иднина. Без оглед на тоа, тука нема изненадувања. Наведените делници се или во фаза на изведба или за најголем дел од нив веќе постои проектна документација, вели професор Огњеновиќ.

Според плановите на Владата, кај локалните патишта се планираат активности во должина од 950 километри.

–  Владата ќе ги продолжи инвестициите преку коишто во изминатите три години работевме на изградба на локални патишта низ целата држава со цел подобрување на условите за живот. Преку оваа програма веќе се обезбедија средства за рехабилитација на преку 450 километри локални патишта и улици, со што ќе се овозможи полесен и побезбеден пристап на граѓаните до болници, училишта, спортски објекти, културни и верски центри и други објекти од јавен и општествен интерес. Секоја општина од вкупниот износ од 70 милиони евра ќе има на располагање финансиски средства во висина од 500 000 евра до најмногу 1 600 000 евра за изградба и санација на локалните улици и патишта. Еден дел од тие средства интервентно беа насочени кон справување со светската пандемија, во договор со Светска банка и за овие средства, како и за дополнителни средства за уште 500 километри локални патишта, Владата ќе обезбеди дополнителни финансиски средства, стои во програмата.

Како што вели Огњеновиќ, во локалната патна мрежа и тоа како се потребни инвестиции. Во минатото, во периодот од 2008-2011 имаше инвестиции во локалната патна мрежа и добро е што овие инвестиции се застапени и во оваа Програма на Владата. Она на што треба да се води сметка е контролата на финансиските средства, односно средствата предвидени за локалните патишта да се искористат согласно нивната намена, а не за други потреби на општините, посочува професорот.

-Она што во Програмата не е спомнатo е рак раната на патиштата кај нас, а тоа е редовното одржување. Во таа насока, потребно е воведување на технологии, кои во европските земји се применуваат децении наназад кои имаат за цел пролонгирање на примена на рехабилитацијата како најскапа мерка за одржување, а притоа патот во целиот тој период е во добра состојба. Факт е дека во овој момент, по завршувањето на изведбата на нови или рехабилитацијата на постоечки патишта, освен крпење ударни дупки и чистење одрони практично ништо друго не се изведува, што придонесува кон брзата појава на оштетувања патиштата, вели Огњеновиќ.

Рехабилитација на патиштата, појаснува, е едноставно кажано инвестициско одржување на патиштата. Тоа се редовни активности на одржување кои што значат продолжување на векот на траење на патот со цел намалување на трошоците на корисниците во однос на времето на патување, трошоците за амортизација на возилата, потрошувачка на гориво итн. Во таа насока, како што вели, рехабилитации треба редовно да се изведуваат согласно програмата за одржување.

Со планот за рехабилитација на патишта во должина од 1500 километри се опфатени делниците: Катланово – Петровец, Хиподром – Петровец, Миладиновци – Петровец, Миладиновци – Хиподром, Скопје – Блаце, Катланово – Велес, Велес – Градско – Неготино – Демир Капија, Битола – Демир Хисар, Крушево – Демир Хисар, Другово – Демир Хисар, Кривогаштани – Крушево, Крушево-Слива-Пуста Река, Битола и граничниот премин со Грција, Фаришка Клисура – Прилеп, Карпалак – Желино.

Предвидена е обнова и на патиштата Мислодежда – Збажди, Подмоље – Струга – Ќафасан, Охрид – Св.Наум, Кичево-Македонски Брод, Маврови Анови – Жировница, Никифорово – Леуново – Бунец, Узем – Тораница, Македонска Каменица – Саса, Куманово – Страцин, Кочани – Пониква, Струмица – Берово, Свети Николе – Неокази, Кондово – Радуша, Гевгелија – Богданци, автопатот Табановце – клучка Т, автопатот Карпалак – Желино.

Паралелно со ова, како што стои во програмата, Владата ќе инвестира и во изградба на мостови, но и санирање на црни точки и генерално инвестирање во зголемување на безбедноста на сообраќајот по нашите патишта. Тоа ќе започне со изградба на интелигентен транспортен систем (ИТС) на Коридор 10. Системот предвидува контрола и информирање при временски неприлики, застој на патот, мерење густина на сообраќај и тежина на тешки возила, контрола при транспорт на опасни материи и друго.

Според Огњеновиќ, изведбата на ИТС и тоа како ќе ја зголеми безбедноста на Коридорот 10, но потенцира дека мора да се применуваат и сите други мерки за зголемување на безбедноста на сите останати патишта. Притоа мораме да ги користиме искуствата на земјите кои во таа смисла се далеку понапред од нас. Во овој момент зголемувањето на безбедноста е врвен приоритет во развиените европски земји

Посебен фокус,  како што стои во програмата, ќе се стави на реновирање и проширување на двата гранични премини Ќафасан и Деве Баир со што ќе се подобрат условите за работа во административните објекти, ќе се олеснат царинските формалности и ќе се овозможи побрз проток на луѓе и стоки. До крајот на годинава ќе се направи студијата за идниот развој и проширување на капацитетите на граничните премини, со конкретни препораки за идни вложувања и можности за заеднички гранични премини. Во таа насока, ќе се анализира можното проширување на капацитетите на граничниот премин Јажинце заедно со патниот правец Тетово-Јажинце и отворање на граничниот премин Лојане-Миратовац.

Во железничка инфраструктура Коридорот 8 да биде приоритетен на листата за реализација 

Владата ветува и дека ќе се ангажира за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура преку натамошните инвестиции во изградбата на пругата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка-Деве Баир, продолжување на ремонтот на Ногаевци-Неготино, заедничка гранична железничка станица Табановце.

Се планира изработка на проектна техничка документација за електрифиција на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце и заеднички железнички граничен премин со Република Косово и за нова пруга Миладиновци-аеродром Петровец, изработка на целосна техничка документација Кичево-Охрид-Струга и Кичево до Лин, Албанија, подготовка на проектна техничка документација за реконструкција, рехабилитација на железничката пруга Скопје – Кичево како дел од Коридорот 8, изработка на пилот-проект за кракот Зелениково – Драчево – Лисиче – Пинтија – 11 Октомври – Скопје Патничка.

Професорот на Катедрата за железници на Градежниот факултет при УКИМ, д-р Златко Зафировски, за МИА изјави дека е од голема важност Коридорот 8 да биде приоритетен на листата за реализација.

Во минатото, вели Зафировски, железничкиот транспорт имаше доминантна монополска улога во однос на другите видови транспорт. Железничкиот транспорт се уште располага со многу поголеми превозни капацитети. РС Македонија нема излез на море, па стоките и во внатрешниот и во надворешниот транспорт се превезуваат во најголем дел со железничкиот транспорт. Нашата држава како центар на Балканот има голема улога во меѓународниот транспорт (особено на стока), кој е предусловен со постоењето на добра транспортна инфраструктура, укажува професор Зафировски.

Железничкиот коридор 8 е еден од десетте паневропски коридори кои поминуваат и низ територијата на РС Македонија. Трасата започнува од пристаништата Бари и Бриндизи во Италија и поминува низ Албанија, РС Македонија и Република Бугарија, сукцесивно поврзувајќи ги градовите: Бари / Бриндизи – Драч / Валона (Јадранско Море) – Тирана – Скопје – Софија – Пловдив – Бургас – Варна (Црно море).

Оттука, потенцира Зафировски, од голема важност е овој коридор да биде приоритетен на листата за реализација. Проектната документација е готова за цел Коридор 8, па како резултат на тоа, веќе е распишан тендер за изградба на втората делница кон Р. Бугарија, а по неа би требало да следи и за третата делница, согласно најавената стратегија за реализација на проекти од железничката инфраструктутра.

-Проектната документација од Кичево до Лин, исто така е завршена на ниво на Основен проект. Но за почеток на реализација, веројатно ќе се почека да заврши изградбата на автопатот Кичево – Охрид, па потоа би се одело на стартување на реализација. Не помалку е важно да се направи целосна реконструкција на делницата Скопје – Тетово – Гостивар – Кичево, инаку се губи смислата на инвестицијата на делницата од Кичево до Струга (Охрид), објаснува професор Зафировски.

Како што дополнува, неопходно е да се направи физибилити студија за поврзувањето на Меѓународниот Аеродром Скопје со железничката и автобуската станица во Скопје. Постојниот автобуски превоз до аеродромот не е ни оддалеку доволен, а ваква иницијатива смета дека секако би била поддржана и од ТАВ и од Владата.

-Железничкиот транспорт има значајна улога во секоја национална економија. Една држава е економски јака само ако има добра транспортна инфраструктура.Ја поддржувам секоја програма за реализација на проекти поврзани со железничката инфраструктура. Сакам да потенцирам дека ние како професионалци и експерти на Градежниот факултет при Катедрата за железници, постојано ги следиме и новите трендови во оваа област, и во секое време стоиме на располагање за секаков вид на консултации и соработка во врска со модернизација на железниците кај нас, за конечно да имаме железничка пруга налик на европските, изјави за МИА Зафировски.

Во областа на воздухопловниот сообраќај, пак, според плановите на Владата, ќе се креира нова, функционална и одржлива национална стратегија за негов развој.

По завршување на ковид кризата, се ветува дека ќе бидат воведени нови дестинации за зголемување на бројот на летовите, пораст на бројот на патниците, зголемување на нивото на безбедноста и овозможување на ефикасен, уреден, безбеден и еколошки одржлив воздухопловен транспортен систем достапен под еднакви услови за сите.

Треба да знаете
Последни објави