Search

Извештај: Мажите сé уште доминираат во политичкиот живот

Мажите се уште доминираат во политичките партии, во јавниот и политичкиот живот, а иницијативите за родова еднаквост се сведуваат се уште на социјални прашања. Земјава има постигнато одреден напредок  во унапредувањето на родовата еднаквост, но сепак жените остануваат недоволно застапени во политиката на сите нивоа на носење одлуки. Родова квота има само во изборот на пратеници, но и покрај тоа политичките партии ги ставаат жените на пониски недобитни позиции.

Ова го покажува „Извештајот од самопроценката на родовата сензитивност на Собранието” презентиран денеска на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

-Извештајот го препознава направениот напредок и заложбите на Република Северна Македонија да ја унапреди родовата еднаквост. И покрај тоа што е направен напредок со отстранување на формалните пречки за политичко учество на жените на тој начин што се вклуени родови квоти и е подигната свесноста, сепак тие остануваат недоволно застапени во политиката на сите нивоа на носење одлуки, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

Собранието, додаде тој, треба да работи во потесна врска со Владата за да обезбеди проценката на родовото влијание да биде извршена пред легислативата да биде поднесена во законодавниот дом.

Националниот програмски офицер од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Резарт Мехмед, кој го презентираше Извештајот, рече дека тој покажува оти земјава има солидна законска рамка за унапредување на родовата еднаквост во јавниот и политичкиот живот. Едно од добрите решенија, додаде е и родовата квота за листите за избор на пратеници, но спорно е, додаде тоа што се ставаат на места подолу на листите кои најчесто се недобитни. Исто така, рече тој, нема квота за извршната власт и за градоначалничките функции, и затоа само четири жени во извршна власт имаат министерски функции, а само шест се градоначалници од вкупно 81 општина.

-Сé уште мажите доминираат во политиката,  а иницијативите за родова еднаквост се сведуваат сé уште на социјални прашања, рече тој.

Додаде дека во Извештајот, меѓудругото, се препорачува да се размисли за воведување на 50 отстотна родова квота по патент систем ефикасен за затворени листи за избор на пратеници, да се направи родова анализа на финансирање на политичките партии за да се согледа можност за поголема видливост на жените во изборната трка, како и ревизија на законска рамка за финансирање на политички партии за финснсика стимулација на оние кои би обезбедиле родов паритет во пратеничките групи.

Потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, истакна дека Собранието треба да работи на унапредување на родовата еднаквост, и на унапредување на положбата на жената не само во политичкиот и јавниот живот туку во општеството воопшто.

-Ние пратеничките од различни политички партии во Собранието имаме консензус и тоа ќе го направиме на првиот нареден погоден момент и ќе тежнееме за застапеност на жената во политиката 50 – 50, и тука може да кажеме дека ги собравме потребните потписи и поддршка. Но тоа éе само еден сегмен од она што треба да се направи како реформа на јавната свест и мислење за улогата на жената нејзините права и практикување на права на сите нивоа на власт и институции, рече таа.

Претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова рече дека состојбите на кои се укажува во Извештајот можеби не се идеални, но вели, тој може да биде патоказ како во кој дел треба да се унапреди родовото прашање.

Треба да знаете
Последни објави