Search

Извештај за Поглавје 23: Донесени се клучни закони, но допрва претстои имплементацијата

Клучни реформски закони беа донесени во извештајниот период од мај 2018 до март годинава во областа на правосудството и човековите права. Се уште остануваат негативните забелешки во однос на казнено-поправните домови и затворите, особено за здравствената заштита на осудениците. Во однос на родовата еднаквост, конечно е дефинирано што е тоа родово-базирано насилство. Следењето на новите законски решенија ќе биде од клучно значење за да се покажат резултати во подготвителните активности за пристапните преговори во Поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права.

Ова го истакнаа  денеска  извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска и Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика на презентацијата на четвртиот „Нацрт-извештај во сенка за Поглавјето 23 за периодот јуни 2018 – март 2019 година”.

Кацарска рече дека од извештајниот период во областа на правосудството детектирале клучни реформски закони што беа усвоени, како што се Законот за судовите, Законот за судски совет што е во собраниска процедура, и генерално фокус на легислативната рамка.

– Она што е значајно е дека допрва претстои имплементацијата, но имајќи ги предвид долгите дискусии за овие закони, мора да споменеме дека ова се закони што добија позитивни мислења од Венецијанската комисија и очекуваме дека ќе постават добра основа за поправање на одредени грешки што ги утврдивме во изминатите години, што беа детектирани и во извештајот на Рајнхард Прибе и експертската група, истакна таа.

Додаде дека во однос на сегментот на антикорупција, клучниот реформски закон беше законот за борба против корупцијата, како и изборот на Антикорупциската комисија, и начинот на кој беше истата избрана.

– Она што треба да го имаме предвид е дека тешко е на оние закони што се непотпишани од претседателот или се наоѓаат во собраниска процедура, да утврдиме досие на постигнување, и веројатно нашиот нареден извештај ќе се фокусира на досието на постигнувања и ефектите во овие закони, и институциите ќе мора да ги следат во наредниот период за да може да ги проценат нивните ефекти што е особено значајно во контекст на отворањето на преговорите и скринингот што тече во моментот, додаде Кацарска.

Пировска рече дека во Извештајот во сенка се нотирани негативните работи во процесите што ги следеле, кога станува збор за остварувањето на човековите права.

– Во извештајниот период беа донесени круцијални закони, закони за кои се боревме со години да бидат донесени и изменети, како што е Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и законот за спречување на бременост, иако тие закони не беа потпишани од страна на претседателот на Северна Македонија, но тоа е голем чекор напред кога станува збор особено за ранливите групи, и особено за ЛГБТИ заедницата, која не добиваше соодветна заштита во Северна Македонија, со оглед дека сексуалната ориентација во законот за спречување и заштита од дискриминација не беше дефиниран како основ за дискриминација, подвлече Пировска.

Посочи дека во овој извештаен период не беа забележани напади или инциденти врз припадници на ЛГБТИ заедницата иако останува се уште како прашање што ќе се случи со оние случаи на напади на ЛГБТИ центарот за поддршка што се случуваа од 2012 до 2014 година, значи сторителите се уште не се изведени пред лицето на правдата.

– Останува да биде довршен и малолетничкиот затвор, во тетовско што се чека секој момент да започне со функционирање, тоа ќе биде од голема важност бидејќи во моментов малолетниците осуденици се наоѓаат во затворот во Охрид, и немаат можност за едукација, ниту пак за ресоцијализација, што е многу важно прашање, рече таа.

Во однос до другите ранливи групи, посочи, за Ромите стојат истите негативни забелешки, дека главните препораки од Стратегијата на Ромите се уште не се исполнети, и се забележува дека не можат да ги остварат основните човекови права.

– Во извештајот има делови што се однесуваат на родовата еднаквост, и тука е нотиран оној дел што се однесува на Истанбулската конвенција, што беше исто така многу важен момент за нас во граѓанскиот скетор, бидејќи конечно беше дефинирано што е тоа родово базирано насилство, меѓутоа, ни следи период во кој ќе видиме како Владата ќе ја имплементира Истанбулската конвенција, истакна таа.

Што се однесува на казнено поправните и воспитно поправните установи, рече Пировска, се уште се забележуваат истите негативни феномени, кога станува збор особено за здравствената заштита на осудениците.

– Во извештајниот период не се случи отворањето на новиот оддел на затворот Идризово што го посетив пред извесно време и е направен според сите стандарди, и дека на околу 600 осуденици ќе им пружат достоинствен престој во казнено-поправните установи, истакна Пировска.

Смета дека генерално се уште се останува на декларативна волја без конкретни мерки за надминување на одредени состојби.

Настанот е организиран во рамки на проектот „Мрежа 23  – Вмрежување за влијание (NETWIT 23)”, што е имплементиран од Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а е финансиран од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Балканскиот фонд за демократија.

Треба да знаете
Последни објави